Путин се надева дека нема да употреби нуклеарно оружје во Украина

 

Рускиот претседател Владимир Путин во денешното соопштение изјави дека досега немало потреба од употреба на нуклеарно оружје во Украина и дека се надева дека нема да има, пренесе Еуроактив



Одговарајќи на прашање од новинар на државната телевизија за украинските напади врз Русија, Путин рече: „Немаше потреба да се користи тоа (нуклеарно) оружје… и се надевам дека нема да има потреба“.

Тој рече: „Имаме доволно сила и ресурси да го доведеме она што беше започнато во 2022 година до логичен крај со исходот што го бара Русија“.

Во последните недели, Путин изрази подготвеност да преговара за мировно решение, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да го заврши конфликтот преку дипломатски средства.

Стравот од нуклеарна ескалација е фактор во размислувањето на американските претставници откако Русија ја нападна Украина на почетокот на 2022 година.

Поранешниот директор на ЦИА, Вилијам Бернс, изјави дека кон крајот на 2022 година постоел реален ризик Русија да употреби нуклеарно оружје против Украина!?