„Демократската унија за интеграција со длабока загриженост и отворено негодување ја осудува сè поотворената политичка улога на Уставниот суд на С.Македонија, кој не само што ја напушти својата мисија како независна институција, туку се претвори во инструмент на власта за уривање на темелите на меѓуетничката еднаквост и на Охридскиот мировен договор.“ – тврди партијата на Али Ахмети во своето соопштение, напаѓајќи го Уставниот суд дека е „параполитички продолжеток на власта, кој ги урива Охридскиот договор и меѓуетничката еднаквост“, а самата, наместо да дејствува како опозициска партија, навистина параполитички дејствува, за да ја урне не само владата, туку и темелите на стабилноста на државата!
ДУИ во своето соопштение наведува: „Јавните изјави на претседателот на овој суд, кои ги минимизираат меѓуетничките проблеми и ги прикажуваат како алатка за политички цели, не се само неодговорни, туку и длабоко опасни. Тие имаат како цел да го одвратат вниманието од системската дискриминација, која сè уште постои, и да ја прикријат институционалното потфрлување во сите области, од ЕУ до заробена држава.“
„Уставниот суд веќе не се крие зад неутралноста – тој дејствува како параполитички продолжеток на актуелната власт. Најавата дека одлуката за Законот за употреба на јазиците ќе биде донесена по изборите не е случајна, туку е дел од добро осмислен план за привремено одржување на нивниот политички проект кај Албанците преку квазипретставници без легитимитет, за потоа да се нападнат сите постигнувања стекнати преку Охридскиот договор.“
„Гласовите, кои со месеци предупредуваа за тајна спогодба меѓу Владата и Судот за укинување на законот по изборите, сега добиваат облик на свршен чин. Овие случувања откриваат една горчлива вистина: еднаквоста и соживотот се ставени на нишан од институциите, кои треба да ги штитат. Претстојните избори повеќе не се само политички избори – тие се референдум за албанскиот јазик, за граѓанската еднаквост и за насоката, во која ќе се движи нашата држава. Ќе биде ли ова држава на сите граѓани, или маскиран режим, што ја користи правдата за да го задуши идентитетот и правата на Албанците?“
„Не смее да се дозволи ниту една институција да ги злоуботреби механизмите на државата за да ја врати неправдата од минатото. Охридскиот договор не е само мировен документ, туку и државотворен договор. Нашиот глас ќе се слушне. За еднаквоста не се преговара. Охридскиот договор нема да се погази.“ – изнесува во заканувачки тон ДУИ во своето соопштение.





