Пола милион евра за Вардар ако ја одбрани европската круна

Ако ракометарите на Вардар бидат поуспешни од Кил и по реваншот в недела во Скопје, а потоа триумфираат на завршниот турнир од Лигата на шампионите на крајот од мај во Келн, ЕХФ ќе го награди клубот со вкупна премија од 500.000 евра.



Вицешампионската титула носи 250.000 евра, бронзениот медал 150.000, а четвртото место 100.000.

Полуфиналните натпревари во „Ланксес арена“ се на 26 мај во термините од 15:15 часот и од 18 ч. Во тие термини следниот ден ќе се одиграат и малото и големото финале.

Билетите за ракометниот спектакл во салата со капацитет од 19.403 гледачи се продаваат по цена од 75 евра најевтините за целиот викенд, потоа 155, 215, 295 и 345 евра за сите четири натпревари на фајналфорот.

По првите четвртфинални дуели поблиску до Келн се Пари Сен Жермен, Нант, Вардар и Монпелје. Парижаните славеа во Кјељце со 34:28 (реваншот е в сабота од 17:30 ч.), Нант дома го порази Скјерн со 33:27 (реваншот е в недела од 16:50 ч.), вардарци беа подобри во Кил со 29:28 (реваншот е в недела од 17 ч.), а Монпелје ремизира 28:28 во Флензбург (реваншот е в недела од 19 ч.).

На завршниот турнир ќе ги нема најтрофејната Барселона со девет титули од 13 финалиња, ниту Гумерсбах со 5/6, Сиудад Реал со 3/5, Магдебург и СКА Минск со по 3/3, а тимот на Раул Гонзалес ќе се обиде да го спречи да учествува и Кил, кој има три титули од седум финалиња.