По преименувањето на аеродромот „Александар Велики“ и на автопатот „Александар Македонски“, уште едно обележје во Македонија поврзано со најголемиот војсководец заминува во историјата, откако скопскиот градоначалник Петре Шилегов реши да ја укине туристичката стража, чиј дел беше и „Македонска фаланга“.



Дваесетината млади луѓе облечени како антички војници, комити и партизани, кои од 2012 година шетаа низ плоштадите од двете страни на Камен мост, претставувајќи им ја на туристите македонската историја, за скопскиот градски татко служеле за потсмев.

„Мислам дека немаше здраворазумен човек кому таа т.н. туристичка стража не му служеше за потсмев. Скопје не е град за потсмев. Скопје е град кој треба да биде респектабилен, град кој ќе остава убави спомени, а не спомени за потсмев. Од тие причини, дел од таквото лудило во градов повеќе нема да има“, изјави тој на денешното отворање на туристичката сезона во македонскиот главен град.

Покрај неодамна најавеното повлекување и на репликите на новите споменици во централното подрачје од продавниците за сувенири, новина од оваа сезона е и изоставувањето на спомениците од проектот „Скопје 2014“ од рутата на отворениот туристички автобус.

Тој сега ќе ги превезува туристите само до Кале, Стара скопска чаршија, архитектурата на Кензо Танге поврзана со земјотресот и до други локации, кои, според Шилегов, ги претставуваат вистинските вредности на Скопје.