Вредноста на дивидендата во 2024 година е зголемена за 5 отсто во споредба со 2023 година. УНИ Банка во континутет трета година по ред не само што дели дивиденда туку и ја зголемува нејзината вредност. Така нето дивидендата за 2024 година изнесува 348,3 денари за акција
УНИ Банка ќе подели 3,43 милиони евра бруто дивиденда на сите сопственици на акции, пишува во одлуката за која во вторникот гласаа акционерите на оваа банка. УНИ Банка со овој потег обезбеди континуитет на компанија со извонредна дивидендна историја, а што е можеби и поважно, притоа обезбеди континуиран раст на вредноста на дивидендата што ја дели на своите акционери.
Така за 2024 година бруто дивидендата по акција изнесува 387 денари што е за 19 денари односно за 5,2 отсто поголема дивиденда во споредба со претходната 2023 година. Овој чекор на менаџментот на банката уште повеќе ќе го зајакне добриот имиџ што таа акција и сега го има на македонскиот пазар на капитал.
Нето дивидендата по акција изнесува 348 денари (5,7 евра). Тоа на последната пазарна цена на акцијата е принос од 5 отсто.
Исплатата на дивидендата УНИ Банка ќе ја започне на 30 мај годинава, а последен ден во кој акцијата носи право на дивиденда е 14 мај годинава.
Од вкупниот бруто износ на дивиденда на централниот буџет УНИ Банка ќе исплати 343.000 евра наменети за персонален данок или за данок на заддршка кај акционерите кои странски правни лица.
Од вкупната добивка за 2024 година која по оданочување изнесува 7,9 милиони евра 3,44 милиони евра ќе се чуваат како останати резерви. Како што напишавме погоре 3,43 милиони евра ќе бидат поделени во форма на дивиденда, 206.000 евра се наменети за камати на перпетуалната обврзница, а за реинвестирана добивка се наменети 813.000 евра.
Во своето образложение на резултатите од 2024 година менаџментот на УНИ Банка, која е единствена банка која на нашиот пазар продава инвестициско злато, коментирајќи ги успешните резултати оддаде признание за ангажманот и долгогодишниот труд на сите вработени поради кои и УНИ Банка ужива довербата на своите клиенти и инвеститори.






