ДУИ го обвини Уставниот суд за „директен напад врз верската слобода“

Демократската унија за интеграција (ДУИ) смета дека одлуката на Уставниот суд за укинување на одобрението за основање на Приватното средно училиште „Медреса Иса Бег“ во скопското село Кондово, е антиуставна и политичка, со што на Исламската верска заедница (ИВЗ) и се забранува да организира средно образование, право кое, како што додаваат од партијата, верската заедница го има уште од 1984 година.



„Оваа одлука претставува директен напад врз верската слобода, врз достоинството на муслиманската заедница и врз едно право што беше добиено како исправка на историската неправда за време на претходната влада“, реагира ДУИ во соопштение.

Според ДУИ, потешко од одлуката на Уставниот суд бил молкот на албанските претставници во оваа Влада.

„Наместо да протестираат, тие молчат. Наместо да поднесат оставка, тие се правдаат. Тие не се претставници, туку послушни вазали на власт која повторно го активира проектот за еднонационална држава, без место за другите“, велат интегративците

Од Мала Речица ја повикуваат домашната и меѓународна јавност, верските заедници и граѓанското општество да реагираат на одлуката на Уставниот суд.

ВРЕДИ: Поништувањето на лажната акредитација на Медресата „Иса Бег“ е пораз на Ахмети