Пишува: Свето Тоевски
Вистински тажната приказна на Балканот, но и на Европа, се токму самата Европска унија и нејзините „токсични челници“ Урсула Лаен, Марта Кос, Каја Калас и другите еврократи од Брисел. Не е Македонија „тажната приказна на Балканот“, како што кажа еврокомесарката за проширување Марта Кос, туку е Македонија вистинска приказна на гордоста и отпорот на Балканот, приказна за опстојот на една држава, која беше од 2016 година се до мај 2024 година сардисана од Европската унија и нејзините комесари и емисари, од државните, политички и дипломатски претставници на Бугарија, од претседателите, премиерите и други високи политичари на Франција, Германија и другите држави-членки на ЕУ, од демократска Америка на поранешниот претседател Џо Бајден и нејзините заменици, помошници-државни секретари и други врвни политичари и дипломати од оваа светска суперсила. Македонија беше сардисана и принудувана да скокне заедно со македонскиот народ во бездната и заборавот на непостоењето преку притисоците да си го смени уставот во име на отворањето на преговорите со ЕУ. Овие притисоци продолжуваат и сега, напразно.
За Марта Кос Македонија би била „среќна приказна на Балканот“, ако оваа би се согласила и „бугарскиот државотворен народ“ да го стави во својот устав. За Марта Кос Македонија би била „среќна приказна на Балканот“, ако оваа би го прифатила беспоговорно она што се бара со „Бугарскиот договор“: да се прифати бугаризацијата на македонскиот народ, на македонскиот јазик и на македонската историја. Од мај 2024 година македонскиот народ со искажувањето на својата политичка волја и со конституирањето на оваа Влада на Република Македонија, предводена од владејачката македонска партија ВМРО ДПМНЕ, искажа високо и гласно „НЕ“ за бугарските барања, завиткани во „европски целофан“, намирисани со „француски парфем“ и маскирани во облик на „преговарачка рамка“.
За Марта Кос Македонија е „тажна приказна на Балканот“, бидејќи македонскиот народ со резултатот од своето изјаснување на ланските парламентарни избори не дозволи македонската држава да се урне преку „санстефанската бездна“, кон која ја туркаа, но и се уште ја туркаат Бугарија и Европската Унија. Но, за жал и тага на еврокомесарката Марта Кос македонскиот народ ја испишуваше, но продолжува и натаму да ја испишува својата „македонска приказна на жилавоста и нескршливоста“, поучна за мнозина како може една „мала држава“ и еден „мал народ“ од Балканот да се спротивстават на толку силни европски и светски „политички и дипломатски булдожери“, кои се обидуваа и се обидуваат и натаму да го раздробат и да го уништат отпорот кон новото, овојпат конечно разнебитување во вид на „конечно решавање на македонското прашање“ на Балканот – да ги снема и Македонците како народ и Македонија како држава, за да си нема никој „главоболка“ од нив и со нив.
Но, вистински тажната приказна на Балканот, но и на Европа се токму самата Европска унија и нејзините челници Урсула Лаен, Марта Кос, Каја Калас и другите еврократи од Брисел, кои се веќе целосно „скарани“ и отуѓени од европските народи, заради чии интереси би требало да дејствуваат, но постапувајќи сосема спротивно. ЕУ и нејзините челници работат против автентичните државно-национални интереси на Бугарија и бугарскиот народ, бидејќи не се залагаат за нивно вистинско добрососедство со Македонија и македонскиот народ. ЕУ и нејзините челници всушност најдиректно им нанесуваат штета на Бугарија и бугарскиот народ и ги злоупотребуваат заради своите цели да изградат „Европска федерација на држави“, во која е планирано и бугарската држава и бугарскиот народ да бидат без свој внатрешен и надворешен суверенитет.
Бугарскиот народ е доволно умен и ја разбира ситуацијата, во која се наоѓа Бугарија, откако влезе во ЕУ. Ги пренесуваме најкарактеристичните делови од исклучително важната политичка анализа со наслов „Бугарите најмногу сакаат да ја напуштат ЕУ“, која ја објави бугарскиот информативен портал „Днес.бг“ на 28 мај 2024 година, за да не ни ја продаваат Радев, Желјасков, Јотова и другите бугарски политичари Европската унија како „европски рај“, кога таа иста ЕУ ги прави нивните сонародници најнесреќна нација во Европа и народ со најниски плати во Европа.
„Днес.бг“ напиша: Според анкетата, спроведена од Фондацијата за политички иновации, француска тинк-тенк истражувачка организација , како и од институтот „Ипсос“, во 27-те земји-членки на ЕУ, само 13 проценти од гласачите сакаат нивните земји да го напуштат блокот. Но, меѓу земјите со најголем процент на гласачи, кои сакаат да ја напуштат ЕУ, на прво место е Бугарија со 22 отсто, а по неа следат Чешка (20%), Австрија (19%) и Франција (18%). Гласачите на крајнодесничарските партии, исто така, во голема мера го поддржуваат напуштањето на ЕУ.Анкетата е спроведена во 27-те земји-членки на ЕУ плус Велика Британија помеѓу 22 март и 26 април, на репрезентативен примерок од населението на возраст од 18 години и повеќе во секоја земја. За потребите на анкетата беа анкетирани 23.788 лица, пишува БТА.“
Елена Гунчева-Гривова, бугарска адвокатка и поранешна пратеничка во 47-иот состав на Собранието на Бугарија, на 22 февруари 2025 година преку објава со укажувачки наслов „Дали сега разбирате дека со нас управуваат лудаци!?“ на фејсбук-профилот искажа жестока реакција против претседателката на ЕУ Урсула Лаен, еврокомесарките Каја Калас и Марта Кос и другите челници на ЕУ, како и против германската министерка за надворешни работи во заминување Аналена Бербок. Објавата на Гунчева-Гривова со најтешки квалификации за Европската унија и оние, која ја водат, ја пренесоа голем број бугарски медиуми.
„Само во ЕУ докажани идиоти кои можат да управуваат со десеттици европски земји. Само во ЕУ .. им се дозволува на разни навредени свињи да донесуваат одлуки за иднината на целиот континент. … Топ-идиотите од ЕУ сакаат да трошат стотици милијарди евра годишно, за да се чуваат … од Русија. За да имало општа европска армија! На некои жени не треба да им се дозволува да бидат во ЕУ на одредени должности, на Аналена Бербок да решава како воен стратег и експерт. Или и на онаа истресканата Каја Калас. И на Урсула Лаен исто така. Можат и Емануел Макрон и Олаф Шолц да преминат лесно во нивната категорија, зашто и тие не знаат какви глупости плескаат кога ќе ги прифати во моментот. Лудост е оставањето на иднината на милиони Европејци во рацете на толку истрескани жени. Сега помислете како бедната Бугарија, каде што пензионерите, па дури и работниците, страдаат во беда, треба да учествува во ова лудило. Наместо пари за пензии и детски додаток – пари за војската на петтемина, кои управуваат со ЕУ! Ај, сиктер!“ – кажа Елена Гунчева-Гривова, што го мислат можеби и и други Бугари во помала или поголема мера, на овој или оној начин…
Вистински тажната приказна на Балканот, но и на Европа, се токму самата Европска унија и нејзините „токсични челници“ Урсула Лаен, Марта Кос, Каја Калас и другите еврократи од Брисел. Во анализата со наслов „Сè повеќе луѓе сакаат да ѝ го видат грбот на Урсула фон дер Лаен“ , објавена на 28 април 2025 година, белградскиот весник „Политика“ го пренесува пишувањето на германскиот магазин „Велтвохе“ и неговите информации за зачестените барања меѓу дипломатите во Брисел да се отстрани Лаен од челната позиција во ЕУ, поради нејзината „токсичност“.
„Политика“ пишува: „Во европските дипломатски кругови, сè погласно се зборува дека високи функционери на ЕУ ја сметаат Урсула фон дер Лаен како ‘токсична’, а нејзиното присуство во раководството на унијата како штетно. Нејзината оставка, пишува ‘Велтвохе’, би можела да го отвори патот за решавање на многу проблеми. Јасно е дека политиката на ЕУ е во криза. Во ЕУ многу работи, кои не не се добри, се олицетворение на претседателката на Европската комисија Урсула Лаен. ЕУ се наоѓа во тешка и критична ситуација. Секоја нормална земја веќе би го поставила прашањето за замена на таквото раководство. Но, Европската Унија не е држава, ниту е нормална, велат аналитичарите сè погласно. Покрај незадоволните високи функционери, слични ставови покажуваат и европските народи. На општествените мрежи, петицијата за отстранување на шефицата на ЕУ веќе има 150 илјади потписи…“
Не е „токсична“ само Урсула Лаен, туку „токсична“ е и Марта Кос, поради нејзините изјави, „отровни“ и насочени против вистинската и достоинствена евроинтеграција на Македонија – сон, кој уште пред многу години се „искрши“ на најситни парчиња за време на 20-те години, минати во „кандидатската еврочекалница“.
Вистински тажната приказна на Балканот, но и на Европа, е самата Европска унија, за која мнозина од светската и европската експертска јавност веќе анализираат разни и различни сценарија на можниот распад. Во анализата со наслов „ЕУ во 2025 година: Унија на крстопатот на хаосот“, објавена на 3 јануари 2025 година на информативниот портал „Бриселски сигнал“, грчкиот новинар, политичар и поранешен пратеник во грчкиот парламент“ Константинос Богданис ќе нагласи: „ЕУ е на прагот на голема пресметка. Внатрешните поделби, економската нееднаквост и надворешните закани ќе го направат опстанокот на унијата прашање на неопходност, а не на избор. Возвишените идеали ќе се судрат со суровата реалност дека европските земји се длабоко поделени. ЕУ се претвори во кула од карти, чии пукнатини се прошируваат секоја година. Таа се наоѓа во егзистенцијална криза. Клучното прашање за 2025 година е дали конечно може да се соочи со својата егзистенцијална криза со храброст за реформи. Европската Унија е стар воз, кој се влечка, држен само од инерција и од надеж дека следната станица некако ќе биде подобра. Дали Европа ќе се справи со неприликите? Тешко е да се каже. Таа не забележува дека целата работа излегува од колосекот.“
Дали за еврокомесарката за проширување Марта Кос Македонија нема да биде повеќе „тажна приказна на Балканот“, ако се дозволи и „македонскиот воз“ да излезе од „колосекот“, „патувајќи“ кон фантомскиот „еврорај“, исто како што и „европскиот воз“, наречен ЕУ, веќе излезе од „геополитичкиот колосек“, движејќи се се позабрзано и кон својот распад? Но, сепак, наспроти се, „македонскиот воз“ нема да излезе од „македонскиот колосек“: иако се уште побавно, Македонија сепак започнува да се созема и да се возбновува, без оглед што за ова ќе бидат потребни долги години, додека ЕУ ќе бледнее се повеќе и повеќе.
Еве уште и еден поглед на експерт од САД, Мајкл Хадсон, професор по економија на Универзитетот Мисури, во Канзас Сити. Во интервјуто, водено со него на 2 април 2025 година и објавено под наслов „Може ли Европа да ги преживее сопствените лидери?“, во контекстот на „наративот за војната и економскиот колапс“, покрај другото, Хадсон истакнува: „Навистина, има сè повеќе критики кон многу гнасната реторика на Каја Калас, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија. Таа е јастреб-радикал и личност, која вели дека не верува во дипломатија, оти сака да ја уништи Русија, да ја распарчи на парчиња. Како можат Калас и нејзината пријателка Урсула Лаен, како може раководството на ЕУ да биде толку провокативно, додека гласачите на Европа, особено во Германија, но и низ цела Европа, не сакаат војна? Како е можно во бирократијата на ЕУ да се најдат подбуцнувачи на војна, кои имаат речиси травматска омраза кон Русија, емоционална желба да војуваат со нив, која не ја делат гласачите и населението на Европа во целина?“
Хадсон е категоричен дека ЕУ, односно оваа политичка Европа, е веќе западната во хаос и во безначајност како геополитички чинител во светски рамки. „Раководството на ЕУ е против поединечните земји. Колку долго Европа навистина може да остане заедно без земјите да почнат да се повлекуваат? Европа следи нереална политика, но таа треба да закрепне економски токму сега, зашто се наоѓа во хаос. Наместо да инвестира и да го зголемува животниот стандард, и да го зголемува производството на стоки за широка потрошувачка или капитални добра, таа произведува бескорисни добра (оружје). Многу е тешко за Европејците да сфатат дека не се потребни повеќе, оти го изгубиле своето место во светот.“
(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ставови на која било политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум од Република Македонија)






