„Истапувањата на Беким Ќоку во јавноста се симптоматични. Како посредник во разговорите во рамки на коалицијата Вреди, Беким Ќоку треба да излезе и да ја каже вистината каква што е, а не да игра улога на портпарол на едната или другата страна! Криењето зад чадорот на Самоопределување и премиерот Албин Курти не му дава право на Ќоку да манипулира со јавното мислење.“ – со оваа објава на својот фејсбук-профил Хузеир Мустафи, советник во Советот на општина Куманово и претседател на огранокот на Алијансата за Албанците во Куманово, изнесе свои критички видувања за активностите на Беким Ќоку, пратеникот во Собранието на Македонија од редовите на коалицијата Вреди, кој е политички советник на Албин Курти, довчерашниот косовски премиер и сегашен лидер на тамошната партија Ветвендосје (Самоопределување). Ќоку е и официјален политички застапник на оваа косовска партија во Македонија. Објавата на Мустафи ја пренесоа „Фол“ и други медиумина албански јазик во Македонија.
На општествената мрежа во врска со активностите на Беким Ќоку Хузеир Мустафи пишува: „Ако беше тој толку принципиелен на последните парламентарни избори, ќе се кандидираше во изборната единица 5, каде што живее и работи, но поради своите „принципи“ реши да стане пратеник со гласовите на граѓаните од изборната единица 6 – од Тетово, Гостивар и околината.“
„Пратеникот Ќоку има човечка и морална обврска да ги претставува оние граѓани, кои ги замоли за гласови и кои му ги дадоа: тие сакаат тој да биде малку поактивен во работата на Собранието, и во комисиите и на пленарни седници, бидејќи, колку што се сеќавам, во еден мандат од една година, тој не се појавил повеќе од 2-3 пати!“






