Претседателот на Франција, премиерите на Велика Британија и на Полска, како и веројатниот иден канцелар на Германија, одлучија да не патуваат во Киев на 9 мај, пишува бриселски „Политико“.



Украина ги покани европските лидери на самит на 9 мај за да се спротивстават на Парадата на победата во Москва. Но, полскиот премиер Доналд Туск наместо тоа ќе оди во Нанси за да потпише договор за безбедност со францускиот претседател Емануел Макрон, а британскиот премиер Кир Стармер планира да присуствува на самит за одбрана во Осло. Идниот германски канцелар Фридрих Мерц, сепак, не сака да патува без „целосна придружба“, наведува изданието.

Европските лидери се обидуваат да изберат друг датум за нивната посета на Украина, најверојатно во „првата или втората недела откако Мерц ќе ја преземе функцијата канцелар“, објавува „Политико“, повикувајќи се на извор од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Наместо нив, се очекува министрите за надворешни работи на некои европски земји, сепак, да го посетат Лавов на 9 мај.

Украинските власти ги поканија европските лидери и високи функционери во Киев на 9 мај со цел да демонстрираат „противтежа на Русија“ и да го одвлечат вниманието од Москва, каде што тој ден ќе се одржи парада по повод 80-годишнината од победата во „големата татковинска војна“ против нацизмот.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги нарече овие планови „театар на апсурдот“.

Во 2023 година украинскиот претседател Володимир Зеленски го помести одбележувањето на Денот на победата во Втората светска војна од 9 мај на 8 мај, прогласувајќи го за Ден на сеќавање и победа над нацизмот, додека 9 мај стана Ден на Европа во Украина.