Околу 56 илјади евра собрани од хуманитарниот меч во Варна за Кочани

Вкупно 112 илјади лева (околу 56 илјади евра) е сумата собрана од синоќешниот хуманитарен натпревар во Варна меѓу златната фудбалска генерација на Бугарија што го освои четвртото место на Светското првенство 1994 во САД и селекцијата на играчките легенди на Македонија, од која целиот приход е наменет за настраданите во Кочани.



„Еден крајно емотивен ден! Прв хуманитарен настан на Фондацијата ‘Репрезентативци 94’! Фудбалот уште еднаш покажа дека е посилен од сè! Собравме 112.000 бугарски левови за благородната кауза – настраданите од пожарот во Кочани. Благодарност до моите пријатели Горан Пандев и Ѓоко Хаџиевски за тоа што веднаш одговорија на поканата! Патот на четвртите во светот продолжува!“, објави на Фејсбук најдобриот бугарски фудбалер на сите времиња Христо Стоичков, кој ги одигра првите осум минути од мечот 2х35 минути, во кој Македонија славеше со 3:2.