Денеска се одбележуваат 24 години од нападот кај тетовското село Вејце во кој осум припадници на специјалните единици на МВР ги положија своите животи во одбрана на татковината.
Масакрот се случил на 28 април 2001 година во 17:45 часот откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени.
При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Иако нападнати од заседа и во безизлезна правлива кривина, на планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско, војниците и полицајците давале получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија.
Вејце од 2001 останува во колективната меморија на Македонците како место на беспримерно злосторство можеби најстрашното во македонската историја.
Загинаа Роберт Петковски (27) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27) од Битола, Илче Стојановски (24) од Битола, Кире Костадиновски (24) од Битола и Бошко Најдовски (24) од Битола.





