Потрошувачката кошница пониска за над 2.000 денари, реалност или шминка?!

Какви производи ќе влегуваат во кошницата, кои видови од овошје и од зеленчук ќе има, дали ќе се смета и годишен одмор ќе се знае наскоро, оти новата анализа на потрошувачката кошничка се прави во моментов. Од она што е готово, мерките на Владата за ограничување на маржите даваат позитивни ефекти, потрошувачката кошничка пониска за над 2.000 денари, велат од ВМРО-ДПМНЕ, околу замрзнување на цените и ограничување на маржите на основните прехранбени производи има позитивни ефекти.



„Овие резултати потврдуваат дека мерките се ефикасни и дека Владата продолжува со својата политика на стабилизирање на економијата и подобрување на животниот стандард. Според анализите на ССМ, во месец февруари 2025 година, трошокот за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство изнесувал 23.427 денари. Во март истиот трошок се намалил на 21.838 денари, што претставува намалување од околу 3%. Во април, трошокот дополнително опаднал на 21.280 денари, што претставува вкупно намалување од 2.147 денари или речиси 9% во споредба со февруари.

Покрај намалувањето на трошоците, во март е регистрирано и намалување на инфлацијата, која падна на 2.7%, што е за 1.3% помалку во однос на февруари. Овие податоци кореспондираат со мерките на Владата и се потврда за нивната ефикасност во стабилизирањето на економијата. Владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе две одлуки за ограничување на бруто профитните маржи, кои овој пат беа скалесто поставени на 5%, 10% и 15% во зависност од производите, а според ДЗС ефектот е позитивен од двете владини одлуки.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изработува нова потрошувачка кошничка, а цените ќе се пресметуваат како просек од неколку маркети, и кошничката ќе биде јавно достапна. Во рамки на спроведувањето на мерките, досега се извршени над 600 инспекциски контроли во трговијата на големо и мало, затворени се осум објекти поради прекршување на мерките, а контролите ќе продолжат до 30 април. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги штити интересите на граѓаните, и е насочена кон стабилизирање на животниот стандард“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.