(Фото): Очи в очи Трамп и Зеленски во Ватикан

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски средбата во Ватикан со американскиот претседател Доналд Трамп ја оцени како историска, ако се постигне завршување на војната со Русија.



  • „Добар состанок. Еден на еден, успеавме многу да разговараме. Се надеваме на резултати од разговорот. Заштита на животите на нашиот народ. Целосен и безусловен прекин на огнот. Сигурен и траен мир што ќе спречи избувнување на нова војна“, напиша Зеленски на Телеграм.

Тој додаде дека тоа бил „многу симболичен состанок кој има потенцијал да стане историски, ако постигнеме заеднички резултати“.

Зеленски и Трамп имаа 15-минутна средба во базиликата Свети Петар, пред погребот на папата Франциск. Потоа Зеленски и Трамп, исто така во базиликата Свети Петар во Ватикан имаа средба и со францускиот претседател и британскиот премиер, Емануел Макрон и Кир Стармер.

Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, во објава на социјалните мрежи рече дека состанокот бил „конструктивен“ .

Иако од околината на украинскиот претседател беше најавено дека Трамп и Зеленски би можеле уште еднаш да се сретнат по завршувањето на испраќањето на папата Франциско, агенциите јавуваат дека Трамп го напуштил Рим.

Претходно, украинската и американската страна објавија дека Зеленски и Трамп се сретнале, седнати на две столчиња во базиликата Свети Петар, без советници околу нив, а Белата куќа објави дека разговорот бил „многу продуктивен“.

Средбата се случи во критичен момент за преговори за ставање крај на конфликтот меѓу Украина и Русија.

Трамп, кој вршеше притисок врз двете страни да се согласат на прекин на огнот, во петокот рече дека разговорите меѓу неговиот пратеник и руското раководство биле продуктивни и повика на средба на високо ниво меѓу Киев и Москва за финализирање на договорот.

Трамп претходно ги предупреди двете страни дека неговата администрација ќе се откаже од напорите за постигнување мир доколку завојуваните нации наскоро не се согласат на договор. Состанокот во Рим ја означува првата средба лице в лице меѓу Трамп и Зеленски по нивната расправија во Овалната соба во февруари.