Никола Карев, претседателот на Крушевската република: Да не чекаме слобода од Грците и Бугарите, ами сами ние, Македонците, да се бориме за Македонија

„Не треба да чекаме повеќе, Гоце. Време е веќе да станеме и да се биеме. Да не чекаме слобода ниту од Грците, ниту од Бугарите, ами сами ние, Македонците, да се бориме за наша Македонија, што ја засилува организацијата меѓу селаните, и да не се споменуваат тврдењата дека ‘сите Македонци работеле за присоединувањето на Македонија кон Бугарија или Грција’.“ – има порачано уште во 1902 година Никола Карев во писмото до Гоце Делчев. „Ова писмо на Карев до Гоце е мало по својата содржина, но истовремено тоа е големо по својата суштина: во него Карев пројавува кристално јасна определеност дека Македонците се тие што треба да се борат, како што вели, ‘за наша Македонија’, и ‘да не  се чека слобода ниту од Грците, ниту од Бугарите’. Ова не може поинаку да биде разбрано, освен како постоење, според него, на три различни ентитети, меѓу кои не може да се повлекува какво било равенство. За Карев Македонците се одделен народ, различен  и од Бугарите и од Грците.“ – нагласува пензионираниот универзитетски професор по право д-р Гале Галев, поранешен министер за образование во 1998 година.



Никола Јанакиев Карев, претседател на Крушевската Република, бил учител, социјалист и национален деец, револуционер и војвода. Никола Карев, заедно со неколкумина комити, извршува самоубиство на 27 април 1905 година по жестоката битка со турската војска кај селото Рајчани, Кочанско, за да не и  паднат живи во раце.

Пропагирање социјалистички идеи и класна борба, но и борба за создавање македонска држава

Животниот пат на овој голем македонски револуционер и борец за слободата на македонскиот народ и за создавањето самостојна држава Македонија, започнува во периодот додека таа стенкаше под стегите на многувековната османлиска експлоатација, кога владееше национална и политичка обесправеност. Роден е на денешен ден, на 23 ноември во 1877 година во Крушево. Во своја статија од 11 август 2010 година „Македонска нација“ има напишано: Како четврто дете во сиромашно јагленарско семејство, Карев многу рано како дете ќе ја почувствува целата беда и горчина на македонската голгота и понижувањата на ропската потчинетост.

Соочен со суровата реалност, тешката економска и општествена  положба во семејството и земјата, Никола Карев е принуден да го прекине своето школување, за да му помогне на своето семејство. Во поткрепа на своите сиромашни родители, прекинувајќи го своето школување уште во третиот клас, тој се вработува како столарски чирак. Наскоро, како 16 годишно момче, го напушта своето родно огниште и заминува на печалба во Бугарија. Во прво време работи како ѕидар, а потоа станува столарски работник во работилницата на Васил Главинов, велешкиот столар и основач на Македонската работничка социјалистичка група во Софија.

Во таква средина младиот Карев ќе го изгради својот идеен и политички став. Набргу, со самопрегорна работа и пропагирањето на социјалистичките идеи, станува еден од повидните членови на Македонската социјалистичка група, која покрај класната, води борба и за создавање на самостојна македонска држава. Заедно со Васил Главинов ја основаат Македонско-одринската социјалдемократска група (1896). Поради здравствени причини се враќа во Крушево септември 1899 година, каде што со Веле Марков формираат социјалистичка група. Набрзо, заради сопствени потреби и потреби на организацијата, го продолжува своето образование.  Во 1900 година со големи усилби, живеејќи во беда, во Битола завршува четврти клас гимназија.

За време на школувањето, продолжувајќи ја својата политичка активност, соработува со тогашните раководители на месната револуционерна организација. Како член на Битолската социјалистичка група развива широка агитациска политичка дејност меѓу тамошната средношколска и работничка младина за нејзино национално разбудување.

Карев не учествува на првата социјалистичка конференција. Сепак ги прифаќа нејзините одлуки, во прв ред одлуката за влегување на македонските социјалисти во редовите на ТМОРО, во февруари во 1901 година. По завршувањето на четвртиот клас во Битолската гимназија во јуни 1901 година, на  барање на Организацијата, Карев се согласува да стане учител и во 1901 година заминува за село Горно Дивјаци, Крушевско. Благодарение на својата активност и способност, тој израснува во забележлива раководна личност на Македонската револуционерна организација во крушевскиот крај.Следната учебна година е префрлен на работа во Крушевската прогимназија.

На чело на Крушевскиот револуционерен комитет Никола Карев застанува во јануари 1903 година. Добро познавајќи ја состојбата во својот реон, во мај истата година на Смилевскиот конгрес тој решително ќе се спротивстави на решението за кревање востание. Тој ќе посочи дека не се создадени сите објективни предуслови за негов успех, како и поради недоволната вооруженост и подготвеност на сите револуционерни реони. Иако бил противник на предвремената донесена одлука за востание во Солун, по дефинитивното решение на Конгресот во Смилево за дигање востание во Битолскиот округ, Никола Карев ги вложува сите свои револуционерни и умствени способности за успешно изведување на востанието во својот реон.

Карев на чело на Горскиот штаб во Крушево за раководење со Илинденското востание на 2 август 1903

За време на подготовките редовно го обиколува реонот, а по завршување на активностите во градот Карев во јуни се повлекува во илегала и раководи со подготовките за востанието од Горскиот Штаб. Главна цел на неговиот Штаб била освојување на градот Крушево. Извршувајќи ги сите подготовки за успешно заземање на градот, пред да започне нападот Штабот на Никола Карев издал специјален проглас со кој го објавил востанието и со кој го повикува народот да се придружи во Илинденското востание.  Потоа според одлуката и планот, ноќта на 2 август, со околу 750 востаници Карев го започнал нападот врз градот. Концентрирајќи ги своите напори врз клучните објекти како општината, поштата и други важни згради, востаниците се сретнале со посебно жесток отпор при нападот на касарната, во која се наоѓале 60 војници. 

На 3 август градот бил ослободен од турската власт, а во него се настанил Штабот на крушевските востаници. За време на востаничката власт во Крушево, Карев е на чело на Штабот на крушевските востаници.  Веднаш по преземањето на власта, била формирана привремена Влада, која, во името на Штабот на Никола Карев, упати Манифест до околното муслиманско население, кое братски се повикуваше да ја поддржи и да ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија. Карев бил на чело на новата востаничка власт во Крушево, поради што му се припишува функцијата претседател на Крушевската република, иако за тоа нема формална основа.

Издавањето на Крушевскиот манифест, всушност, декларација за целите на македонската револуција, преставува полн израз на државотворните гледишта на македонските социјалисти за конституирање на македонската држава. Овој акт на македонските револуционери пленува со својот револуционерен демократизам, со високите принципи на соживот меѓу народите, без разлика на нивната национална и верска припадност. По паѓањето на Крушево во турски раце Никола Карев со своите соработници се повлекува во околните планини и кон средината на ноември 1903 година се префрла во Белград. Од Белград заминува за Софија, каде што ја обновува својата активност и учествува во формирањето на Македонско-одринската социјалистичка група во 1905 година, како огранок на Бугарската работничка социјалдемократска партија.

Самоубиството на Карев на 27 април 1905 по ранувањето и сардисувањето на неговата чета од турскиот аскер

Во своја статија со наслов „Зошто Никола Карев е исфрлен од македонската химна?“ „Пулс 24“ на 8 април 2015 година има објавено: Разочаран од малодушноста, па дури и од незаинтересираноста на некои дејци на револуционерната организација за крвавата тиранија, што ја спроведува Турција по задушувањето на Илинденското востание, војводата Никола Карев во пролетта 1905 година решава да се врати во татковината и таму да ја продолжи борбата за автономна и обединета Македонија. На 26 април 1905 година тргнал на пат со мала чета одбрани борци, користејќи канал на Организацијата преку Кочанската Котлина.

По пат четата е предадена и овојпат од Македонец. Турскиот аскер ги опколува во близина на селото Рајчани и успева да ја ликвидира речиси целата чета. Се спасил само војводата Петар Ацев со уште неколкумина комити. Според спомените на Петруш Карев, најстариот брат на Никола Карев, Никола во тој судир со аскерот бил тешко ранет. Изложувајќи ги на опасност своите животи, двајца комити успеваат да го засолнат во една од блиските колиби, но војводата обилно крвавел и повремено ја губел свеста. Целиот терен бил сардисан од војската, која била веќе сосема близу и до колибата каде што бил ранетиот Карев. Немајќи друг излез, војводата и уште неколкумина комити извршуваат самоубиство на 27 април 1905 година.

Никола, три дена, во август 1903 година, лично му го диктирал на Никола Киров Мајски, неговиот братучед, познатиот Манифест на Крушевската Република. Тој оригинален запис на Манифестот и сите други белешки биле однесени во Софија, заедно со архивата на Горскиот штаб и на Владата на Крушевската Република. Оние што по секоја цена сакаа да го намалат значењето на Никола Карев, подоцна измислија дека Манифестот, наводно, го напишал Мајски, а не Карев. Истите тие го избришаа од македонската химна неговото име, а остана, на пример, името на Питу Гули, кој е еден од десетте војводи што биле во тој период во Крушево и Крушевско. Зошто Никола Карев, претседателот на Крушевската Република, е избришан од нашата химна, веројатно знаат само тие што го избришаа.

.