Каква европска иднина може да има за Македонија, кога ја има сѐ помалку за самата ЕУ, бидејќи внатрешните судири ја водат кон распад?!

Пишува: Свето Тоевски:



„Македонското прашање не е затворено сѐ уште.“ – кажа претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски пред три дена по повод првата година од функционирањето на „Беломорскиот клуб читална“. Македонскиот премиер ќе каже дополнително во оваа пригода: „И овој пат во 21 век се обединивме и го поразивме она, што седум години ги тероризираше македонскиот идентитет и народ. Денеска е во длабока опозиција, а ние ќе се бориме да го повратиме достоинството, кое го имавме во минатото.“

Три дена по Мицкоски шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски со своја изјава ќе ја заокружи позицијата на Република Македонија кон „добрите соседи“ и уште „подобрата“ Европска унија, која така штедро и благонаклоно стои на страната на Софија и Атина. „Не прифаќаме нови отстапки за идентитетски и историски прашања на патот кон ЕУ. Премногу такви отстапки се направени во изминатите 30 години, а времето покажа дека по секоја таква отстапка ни се поставува нов предизвик повторно од истата природа. Внесувањето билатерални прашања во евроинтегративните преговори е опасност за Македонија и Балканот.“ – ќе порача категорично министерот Муцунски во однос на барањата на Бугарија и ЕУ за промената на македонскиот устав.

Премиерот Мицкоски и министерот за надворешни работи Муцунски јасно укажаа дека македонското прашање конечно ќе треба да се затвори во контекстот и на евроинтегрирањето, но без прифаќање никакви нови отстапки за идентитетски и историски прашања, на кои инсистира официјална Софија, според примерот на „преспанскиот терк“ наметнувајќи таа и свој „санстефански терк“ за градењето на „европската иднина“ на Македонија. За „европската иднина“ на македонската држава стана збор и завчера во панел-дискусијата во „Европската куќа“ во Скопје по повод 30-годишнината од приклучувањето на Австрија, Финска и Шведска кон Европската унија.

Но, ајде да бидеме еврореални и да ѝ погледнеме на вистината в очи: каква европска иднина може да има за Република Македонија кога европска иднина има сѐ помалку за самата Европска унија?! Kаква европска иднина може да има за Република Македонија кога во најновиот број на американскиот магазин за надворешна политика „Форин Афеарс“ д-р Стејси Годард, политички научник од Колеџот Велсли, од Масачусетс, од САД, како експерт за меѓународни односи, ќе укаже уште отаде од океанот за „дестабилизирачките ефекти“, кои се случуваат во ЕУ. Годард се осврнува на „концертот што си го организираат големите сили САД, Русија и Кина“ во започнатата поделба на светот на нивни зони на влијание.

Можат да се наредат многу факти дека во тој нивен „геополитички концерт“ нема место за Европската унија, која веќе се претвора во релативно безначаен актер на светската, па и на европската политичка сцена. ЕУ се сели на „резервната клупа“ и тоа не во првата, туку во втората, или третата лига, додека на стадионот натпреварот го играат „големите играчи“. Европските челници од Брисел можат да им покажуваат мускули на „малите“ држави каква што е Македонија, ама тие немаат моќ дури веќе ни наспрема претседателите на една Словачка – Фицо, на една Унгарија – Орбан…    

Kаква европска иднина може да има за Република Македонија кога германскиот политиколог д-р Јозеф Јанинг, експерт на влијателниот Германски совет за меѓународни односи, на 4 март јавно ќе го постави прашањето „дали Европа ќе пропадне“ и веднаш во одговор на него категорично ќе предупреди дека „за првпат крајот на ЕУ е реално сценарио“, нагласувајќи дека „темелите на европската интеграција се раздробуваат, а центрифугалните сили, предизвикани од внатрешните судири, го засилуваат распаѓањето на Европската унија“.

Kаква европска иднина може да има за Република Македонија кога д-р Кристијан Одендал, експерт за финансиско-економските аспекти на европската интеграција и за германска политика, како и економски уредник во британскиот весник „Економист“, ќе се огласи на 9 јануари 2025 година со предупредување дека „внатрешните поделби во ЕУ, кои стануваат се посложени, можат да ја распарчат самата Унија“ и оти „Германија и Франција – клучните земји на ЕУ – се толку преокупирани со домашната политика, што не се во можност да го обединат европскиот континент како во претходните кризи“.

Каква европска иднина може да има за Република Македонија кога новата германска владејачка коалиција во својата политичка програма и  во самиот договор за формирање на новата германска влада јасно и отворено кажа „не“ за натамошно проширување на ЕУ, се додека таа не се рефирмира првин внатрешно и структурно. Исто така, и партијата на Мари Лепен Национално собирање на Франција, која е во подем и му „дише во врат“ на Емануел Макрон, е категорично против натамошни прием на нови членки во ЕУ.

Приказната за „ЕУ-иднината“ на Македонија е најобична лага од огромни размери. Сите прикаски за мали деца околу божемното зачленување на Македонија во ЕУ немаат никакви врски со обезбедувањето вистински европски перспективи за македонската држава, туку, целта на ЕУ е само да ја држи Македонија во една зона под контрола, да остане „кротко“ и послушно во „еврочекалницата“, но и подалеку од „клубот на привилегираните“, од полноправното членство. Всушност, Македонија веќе стана во нешто „европска“: се претвори во „европски гробишта на европските идеали и вредности“, бидејќи во нејзиниот случај, во поглед на македонскиот јазик, идентитет, етничка засебност и историја, се згазени и збришани сите европски декларации, закони, па и самиот „Договор од Мастрихт“ – темелниот акт на основањето и функционирањето на ЕУ.

Од една страна Брисел поддржува „добрососедски договори“ на Македонија и Бугарија и Грција, со кои се уриваат темелните белези на македонскиот народ и држава, а од друга страна си ги чува во архивите своите правливи резолуции и еврозакони, со кои, ете, „високо се ценат и се почитуваат европскиот диверзитет, разноличноста и вредноста на јазиците, културите и народите на Европа“. Токму поради ова невидена дволичност, непринципиелност, би се рекло и противмакедонска политика, Македонија стана „европски гробишта на идеалите и вредностите на ЕУ“.

Но, може да се каже со значителна сигурност дека нема да има толкав проблем постапно во одреден временски период Македонија да ги ресетира самата своите односи со Бугарија и Грција, така што веќе отсега ќе почне да иницира и да гради вистинско добрососедство со нив и другите држави во Балканот, нека биде тоа и во прв момент со еднострани мерки на културна дипломатија, спорт, економска соработка, соработка меѓу писатели, културни дејци…

Во меѓувреме Европската унија постапно оди кон деструкција, а двете нејзини водечки држави-членки  – Германија и Франција – со меѓусебното ривалство која да стане главната „европска локомотива“, ја парализираат уште повеќе Унијата во нејзините обиди да го спречи тонењето во „живиот песок“. На Европската унија ѝ се закануваат деиндустријализација, социоекономско урнисување на животниот стандард на европското население ширум континентот, но сепак, наспроти се, европските челници веќе одлучија да фрлат дури 800 милијарди евра за огромна милитаризација, повторно вооружување и подготовка за војна со Русија?!

Сепак, едно од главните прашања е:  што да се прави во овој даден момент, штом е повеќе од јасно дека нема европска иднина за Македонија во постојнава евроунија ваква каква што е? Новиот светски геополитички поредок во овој момент започнува да се гради во еден меѓународен спектар, во кој од едната страна се наоѓа мултиполарноста, односно светот потпрен врз неколку глобални и регионални „полови“ – столбови, како што се  Соединетите Американски Држави, Русија, Кина, Индија, Турција, но, од друга страна се наоѓа светот заснован и врз ефективен мултилатерализам, повеќестраност на меѓународниот систем, во кој и малите држави со нивните народи (ве)ќе имаат своја специфична тежина и (ве)ќе можат да ги артикулираат своите визии, потреби, интереси и барања.  

Во вакуумот, кој веќе се појавува на европскиот континент, поради забрзаното слабеење и распаѓање на неолибералната Европска унија, „скарана“ и отуѓена со европските народи, наместо да дејствува во нивни интерес, Република Македонија ќе може и ќе треба се повеќе да настапува со својата „македонска мултилатерала“: со воспоставување нови и директни односи и со политичките сили на „алтернативната“, суверенистичка Европа, која оди во правец кон формирањето на идната Европска унија на суверените нации. Орбан и Фицо се дел од лидерите на новата политичка Европа, во која ќе може да се очекува почитување на суверенитетот на македонската држава, на идентитетот на македонскиот народ и на македонизмот како темелна идеологија на опстојувањето и просперитетот на македонскиот народ, но и на сите други граѓани на Македонија, без оглед на етничката припадност.

Во оваа смисла, за да го фати чекорот и приклучокот кон трендовите, актерите и политиките на новата суверенистичка Европа, ќе треба да се изврши и соодветно ресетирање на државната македонска надворешна политика. Просто кажано, да се отфрлат веќе сега лагите дека еве ни ги Европа и ЕУ на дофат, само да го смениме уставот и ќе ни ги отворат портите на „еврорајот“. Црна Гора и Албанија можеби имаат шанси да влезат во ЕУ до 2028, или до 2030 година, но кај ќе влезе самата Европска унија? Дали можеби во темнината на заборавот?

Прецизните и отворени укажувања на премиерот Христијан Мицкоски и на министерот за надворешни работи се „бетонирање“ на курсот во македонската надворешна политика, што е тотално различен од правецот, кој го „тераше“ претходната влада, која ги распродаваше македонските државно-национални интереси по најефтина можна цена. Однесувањето на Брисел, Софија и Атина може да наметне да биде потребно натамошно ресетирање не само на надворешната политика, туку и конкретно на државната евроинтеграциска политика…

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ставови на која било политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум од Република Македонија)