Согласно новиот Закон за енергетика, може ли „МЕПСО“ да оди на продажба?!

Новиот закон за енергетика кој го помина првото читање во Собранието е документ што ќе го обликува енергетскиот сектор на Македонија во следните децении, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.



  • „Не добивме забелешки за новиот закон за енергетика, но ќе има многу придобивки од законот кој требаше да биде донесен кон крајот на 2023 година. Напорно работевме и го направивме овој закон кој има 317 члена. Со него ќе се формираат енергетски заедници преку кои граѓаните ќе можат да ставаат соларни панели и да се грижат за своите сметки за струја“, изјави Божиновска по денешната средба со новинарите во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Нагласи дека со ова законско решение првпат ќе се воведе методологија за да се утврди колкав е реалниот број на енергетската сиромаштија во земјава. Воедно, како што кажа, со новото законско решение МЕПСО ќе премине во сопственост на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и за првпат ќе се формализира постоењето на батерии за складирање на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија. Ќе има и одредба за е-мобилност, односно за полнење на електричните автомобили по разумна цена.

Министерството за енергетика се надева дека Предлог на законот за енергетика во наредните месеци ќе биде усвоен на пленарна седница во Собранието, со што ќе можат да започнат неколку клучни реформи во енергетскиот сектор. Во самото обемно законско решение, на денешниот брифинг со новинарите, беше кажано дека изрично нема да може да биде понуден на продажба операторот на системот за пренос на електрична енергија МЕПСО.

Акционерското друштво во државна сопственост ќе му припадне на Министерството за енергетика и во предлог-законот има посебни одредби кои нема да дозволат да биде продаден операторот на заинтересирано приватно лице. Пред две години беше лиферувана информација дека грчкиот електропреносен систем сака да купи дел од МЕПСО, но тогашната власт ја демантираше гласината.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, меѓудругото, рече со овој закон, операторот на електродистрибутивната мрежа ќе мора наместо постоечките да инсталира смарт броила за потрошувачите на електрична енергија и тиа да можат да бидат со далечинско отчитување. Оваа мерка ќе треба за седум години да опфати 80 отсто од потрошувачите.

Законот ќе овозможи и регулација на батериските системи за складирање на вишоците на електрична енергија, нешто што досега не беше возмножно затоа што не постоеја прописи за тоа. Производството во пиковите од страна на големиот број на фотоцентрали што се градат и што веќе се изградија во изминатиот период, одреден дел од денот ќе може да се складираат во батерии.

  • Со овој закон е пропишано задолжително обновување на мрежата на МЕПСО во наредните години, бидејќи сега таа е застарена, а исто така ќе се знае кои од потенцијалните инвеститори во обновливи извори на енергија ќе може да побара приклучок. Тоа ќе се прави плански од година за година, а не како сега. Има прелиминарни барања за приклучоци за инвестиција од вкупно 10.000 мегавати, ама голем дел од тие инвеститори немаат купено уште ниту земјиште и им го држи редот на тие што се сериозни во намерите, рече Божиновска на средбата со медиумите.

Министерката додаде дека ќе биде и регулирано кој се кај ранливите категории на граѓани ќе може да добива државни субвенции за плаќање на сметките за електрична енергија. Во моментов има над 50.000 ранливи потрошувачи кои ја добиваат оваа парична помош. Собраниска Комисија за европски прашања на средината од овој месец го разгледа и едногласно прифати Предлог на законот за енергетика во прво читање. Комисијата со 11 гласа „за“, без против и воздржани, предлог законот го проследи на понатамошно читање.