Словенечкиот премиер Миро Церар, на крајот од самитот на Процесот за соработка во југоисточна Европа, каде учествуваше и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, не ја отфрли можноста да го блокира влезот на Хрватска во Шенген.
Церар реагираше на изјавата на Пленковиќ дека Словенија со објавувањето две тужби против Хрватска не го избрала вистинскиот пат.
„Држава која не го почитува владеењето на правото е лош пример за ЕУ и за земјите од Западен Балкан, а непочитувањето на владеењето на правото значи комплицирано функционирање на Шенген. Словенија, затоа мора да дејствува со правни средства’, изјави Церар.
Словенија и Хрватска спорат околу државната граница во Пиранскиот Залив и околу заштедите на хрватските граѓани во „Љубљанска банка“ .
Долгот, во вкупен износ од 585,4 милиони евра, во поголемиот дел се однесува на старите девизни депозити на хрватските граѓани во поранешна Љубљанска банка Загреб.





