Известувачот на грчки „Репортер“ не може да се изначуди зошто никој не реагирал на денешната пленарна седница на Парламентарно собрание на Совет на Европа кога македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров го користел уставното име за својата земја.



За околу еден час, колку што Димитров се обратил и одговарал на прашањата од присутните, никој не направил проблем што тој зборувал за Република Македонија, иако таа во Совет на Европа официјално се води според референцата од Обединети нации, истакнува новинарот.

Останаа разочарани дури и оние што очекуваа да реагираат грчките европарламентарки Дора Бакојани и Нина Касиматис, констатира тој. Некогашната шефица на грчката дипломатија Бакојани, иако била на листата на пријавени за дискусија во името на Европска народна партија (ЕПП), му го отстапила местото на колега од Молдавија. Касиматис од СИРИЗА, пак, само го прашала Димитров дали тој се залага за двојна формула, односно за едно име за внатрешна употреба и друго за надворешна.

Продолжувајќи да го користи уставното име, Димитров на Касиматис ѝ одговорил: „Мислам дека ќе биде премногу ако треба да дадам конкретни информации, ако треба да ги отворам картите. Ние сме во процес на преговарање и мораме да бидеме внимателни. Мораме да видиме дали може да се покрие она што е најважно за Атина и она што е најважно за Скопје. Не можам да кажам дали направивме толку многу за да ги избалансираме овие интереси“.

Тој нагласил колку е важно да се подготви јавното мислење во Македонија и во Грција за договор кој ќе им служи на интересите на двете земји во сегашноста и во иднината и како да се реши прашањето за името со Грција.

Треба да го убедиме јавното мислење, порачал тој, заклучувајќи дека компромисот е неопходен „за да ја обезбедиме нашата иднина“.

„Лесно би било да се занемари проблемот, отколку да се соочи со него. Само со решавањето на проблемот не можеме да победиме, туку треба и да научиме да имаме заеднички интереси, да научиме како да бидеме пријатели и сојузници. Затоа што, кога ќе влеземе во НАТО, со Грција ќе бидеме пријатели и сојузници. Спротивно на она што досега се случило, ние сакаме решение“, го цитира „Репортер“ шефот на македонската дипломатија.