Во случај на агресија од Запад, Москва ќе употреби нуклеарно оружје

Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија од страна на западните земји, изјави денеска во интервју за државната новинска агенција ТАСС првиот човек на руската безбедност Сергеј Шојгу.



Покрај тоа, Сергеј Шојгу предупреди дека распоредувањето на странски мировни сили на територијата на Украина, која Москва ја смета за дел од нејзините „историски земји“, може да предизвика трета светска војна.

Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс предупредија дека Вашингтон може да се откаже од обидите да преговара за мировно решение во Украина доколку наскоро нема напредок во договорот.

Според Шојгу кој 10 години беше министер за одбрана, во ноември 2024 година направени се измени на „Основите на државната политика на Руската Федерација во областа на нуклеарното одвраќање“, со кои се прошируваат условите под кои Русија смета дека употребата на нуклеарно оружје е дозволена.

Според новата формулација, земјата може да користи такво оружје во случај на агресија „вклучително и со конвенционални средства“ не само против Русија, туку и против нејзиниот сојузник Белорусија.

Шојгу нагласи дека Москва внимателно ги следи воените подготовки на европските земји и потсети дека според руската национална безбедносна стратегија, дозволено е преземање симетрични и асиметрични мерки против непријателски дејствија кои го загрозуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

Тој посочи дека нуклеарното одвраќање се однесува на земјите и воените коалиции кои ја гледаат Русија како потенцијален противник, поседуваат оружје за масовно уништување или имаат значителен воен капацитет во областа на конвенционалните вооружени сили.

Мерките се однесуваат и на земјите кои обезбедуваат своја територија и ресурси за подготовка и спроведување на агресија против Русија.