ОН ја најавија утрешната средба Димитров – Коѕијас во Виена

Министерите за надворешни работи на Македонија и на Грција ќе се сретнат утре попладне под покровителство на Обединети нации во нов обид за разрешување на спорот за името, кое е пречка за присоединувањето на Македонија во НАТО и во Европска унија, најави пред новинарите портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.



„Сакам да ви го свртам вниманието кон средбата што ќе се одржи во Виена в среда, 25 април. Личниот пратеник на генералниот секретар, Метју Нимиц, ќе се сретне со министрите за надворешни работи Никос Коѕијас и Никола Димитров во канцелариите на ООН во Виена“, изјави Дужарик.

Договорот за надминување на разликата за името што ја има Грција во однос на Македонија е клучен предуслов за покана за Македонија за членство во НАТО на самитот во Брисел на 11 и 12 јули, а претходно и за одобрување почеток на преговори со Европска унија од Европски совет во јуни.