Јане Сандански е убиен од Бугарите на 22.4.1915, оти се бореше против соединување на Македонија и Бугарија и негуваше македонска свест кај Македонците

„Ние треба да работиме за будење на сознанието кај македонските маси дека се самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода, без да се потпираат на туѓа помош, зашто оние што би дошле да не ослободат, ќе дојдат всушност, да не поробат. … Ние не сакаме да ја замениме турската тиранија, турските султани со други тирани, па ни со бугарска тиранија и бугарскиот кнез. Ние се бириме Македонија да стане самоастојна, независна, слободна држава, Македонија на Македонците! … Ние водиме борба против вас, врховистите, затоа што сакате да ја потчините Организацијата и да ја направите орудие на бугарскиот дворец. Вие ја барате слободата на Македонија како средство, како етапа на идни освојувања и присоединувања, додека кај нас слободата, автономијата на Македонија се положени во основата, како цел. Ете каде лежи големата разлика меѓу нас, внатрешните и вас – врховистите. Ако ги пуштевме вашите офицери во ТМОРО, тие ќе му се наложеа на македонското население, ќе му диктираа да  бара приклучување на Македонија кон Бугарија. … Ние не ја мразиме Бугарија и нејзиниот народ, туку се спротивставуваме на нејзината политика, која е спротивна на нашите идеали и интереси.“ – ова се дел од клучните мисли и револуционерни идеи на Јане Сандански – „Пиринскиот цар“, или Сандан-паша, еден од највеликите македонски херои и бранители на македонската национална и политичка самобитност, убиен на 22 април 1915 година во заседа кај месноста Блатата на патот од Рилскиот манастир за Неврокоп, во пиринскиот дел на Македонија. Сандански се пројавуваше како најфанатичен приврзаник на македонската револуционерна идеологија и неговото убиство се должеше токму на тоа. Грчкиот новинар и политичар Елефтериос Ставридис запишал дека „неговото убиство беше извршено од Бугарите, бидејќи тој се бореше против присоединувањето на Македонија кон Бугарија и бидејќи култивираше кај Словеномакедонците македонска национална свест“.



Од бугарските архиви: „…дивите социјалисти од типот на Сандански и Чернопеев и луѓето од таа група се вдахновуваат од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија“

Идеалот за Македонија и само за Македонија е причината за неговото убиство од страна на одредени елементи блиски до бугарските политички кругови и бугарскиот двор. Христо Константинов во своето дело „Старикот“, посветено на ликот и делото на Сандански, вели дека „историјата на Јане е историја на македонскиот роб во борбата за слобода… историја на македонската борба после Гоце, на чии разбирања тој се јави како најрадикален, најхрабар и најупорен следбеник.“ Според истиот автор, Сандански не бил основоположник на главните идеолошки и политички линии на македонското движење – почитување на внатрешниот карактер на борбата, самостојност, државна обособеност на Македонија и борба против завојувачката политика на Балканот, но Сандански се пројавил како најфанатичен приврзаник на оваа идеологија. Искажаното се потврдува и од извештајот на Второто политичко одделение при Министерството за надворешни работи на Бугарија од 25 март 1906 година, во кој се вели: „… некои диви социјалисти од типот на Сандански и Чернопеев…. луѓето од таа група се вдахновуваат од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија“. Токму ова е суштинската причина за убиството на еден од највеликите и легендарни македонски водачи во посовремената историја.

Елефтериос Ставридис има запишано: „За да Македонија стане цела и сосема независна држава, Сандански проповедаше дека сите жители, без исклучок, не се ниту Бугари, ниту Грци ниту Куцовласи, макар и да зборуваат на македонски славјански дијалект како и самиот тој, туку дека сите жители на Македонија се чисти Македонци, потомци на античките Македонци на Филип Втори и на Александар… Бугарските шовинисти решија да го ликвидираат, бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зашто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Сандански заедно со Делчев, протагонисти и двајцата за време на Илинденското востание, стана опасен за Бугарија и бугарските шовинисти решија да го ликвидираат, бидејќи неговата агитација не одеше во прилог на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, зашто тој култивираше кај Словеномакедонците македонска национална свест. Неговото убиство беше извршено од Бугарите.“

И покрај тоа што е прекален револуционер, Сандански е и творец на санданизмот како еден од првите политички и филозофски правци во Македонија. Санданизмот имал силна македонска национална компонента. Ова е видливо и во пишувањето на д-р Карло Блинд објавен во лондонскиот „Пал мал газета“ на 5 јули 1905 година: „Сандански се претставува како единствен претставник – Македонец. Тој си поставил како цел од Македонија да создаде независна држава… Учените од Комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик како јазик на целата област. Дијалектот на Битолскиот вилает се зел како  основа на тој нов експеранто. Новиот македонски јазик требало да ги истисне српскиот и бугарскиот јазик, кој се зборувал во Бугарија и Србија.

Уште во самиот зародок на македонското револуционерно движење бугарските политички и општествени кругови се обидувале да воспостават контрола врз македонското револуционерно движење, најпрво преку Врховниот македонски комитет и бугарскиот генерал Иван Цончев, а по Илинденското востание преку македонската револуционерна групација, што гравитирала околу Христо Матов. Вмешувањето на бугарските политички кругови, како и наклонувањето на некои од македонските револуционери кон Софија биле причина за внатрешен судир во македонското движење. Во почетокот на ноември 1907 година во Софија се одржале неколку советувања, на кои едно од главните прашања бил односот кон Христо Матов и Борис Сарафов, кои отворено започнале да примаат морална и финансиска помош од бугарските кругови, вклучувајќи и од бугарската влада, што било спротивно на македонската револуционерна идеологија. Сандански истакнал дека „за македонското население, па и за Бугарија, е погубно македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување на Бугарите и дека луѓето од другиот блок ѝ се продале на бугарската влада“.

Бескомпромисен македонски водач

Споменатите советувања поминале под влијание на Јане Сандански дека сите што агитираат во Македонија, или надвор од неа, за обединување на Бугарите треба да бидат дочекани непријателски од ВМОРО. На 28 ноември 1907 година Тодор Паница ги ликвидирал Борис Сарафов и Иван Гарванов, поради соработката со бугарската влада. Убиствата ја вознемириле бугарската јавност, а бугарската влада започнала со гонење на македонската група, која се залагала за самостојност. По двојното убиство Јане Сандански и Тодор Паница биле прогласени како разбојници. Во однос на двојното убиство Симеон Радев, близок соработник на Сарафов, во весникот „Камбана“ ја објавил статијата „Сандански и неговата група“. Во неа Радев нагласува дека „Сандански ѝ нанел фатален удар на бугарската народност“ и оти „некои неговите приврзаници ги оцениле убиствата на Гарванов и Сарафов како дејства насочени против (бугарските б.н.) национални идеи во Македонија и против историските завети на Бугарија“. Според Симеон Радев, Сандански е “човек на уривачки идеи“, кој „се откажал од татковината Бугарија и настојувал македонското население да го претвори во орудие. кое ќе биде непријателски настроено против бугарската национална идеја во Македонија“.

Санданизмот трајно се вгради во свеста на македонскиот народ

Санданизмот е идеологија во македонското револуционерно националноослободително движење, претставувано од Јане Сандански. Оваа идеологија е заснована врз основните постулати на Македонската револуционерна организација (МРО), но сообразена со условите, што настанале по поделбите во македонското движење и состојбите во Македонија, наметната и со политичките промени со Младотурската револуција, како и со Балканските војни. Санданизмот трајно се вградил во свеста на македонскиот народ во пиринскиот дел на Македонија, кој води децениска политичка борба во бугарската држава за остварување на елементарните културно-национални и граѓански политички права. Зачетокот на санданизмот е во послеилинденскиот период кога Јане Сандански се оформува како една од најкрупните фигури во македонското револуционерно и националноослободително движење.

Во овој период негови најблиски соработници биле Стојо Хаџиев, Георги Казепов, Георги Скрижовски, Таската Серски, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Тодор Паница. Сите тие биле пошколувани од Сандански, но ниеден од нив не ја оспорувал водечката улога на Сандански во Серскиот револуционерен округ и македонското движење. Сандански не бил идеолог, ниту оригинален мислител, но бил надарен со природна интелигенција, која му овозможила да ги оцени и да ги восприеми идеите на другите, истовремено и да ги спроведе творечки. Оттука револуционерната теорија и практика на Серскиот округ станале познати како санданизам, а неговите приврзаници продолжиле да се нарекуваат себеси санданисти долго време по смртта на Јане.

Пренесено од статии „Сандански: Сите жители на Македонија се чисти Македонци“ („Нова Македонија“, 22.4.2024) и „Пиринскиот цар – најфанатичниот приврзаник на македонската идеологија“ („Нова Македонија“, 21.4.2023).

.



.