Изет Меџити, претседателот на Демократското движење, дел од коалицијата Вреди, изјави дека повеќе нема место во Владата за Арбен Таравари, поради соработката со ДУИ. „Сметам дека не му е местото на Арбен Таравари во владата, бидејќи сака соработка со ДУИ. Ова е поврзано со политиките и принципите на формирањето на оваа Влада, а тоа е борбата против корупцијата, враќањето на правната држава, како и другите столбови на правната држава.“ – посочи Меџити. Ова го објави ТВ 21.
Натаму телевизијата истакнува: Зборувајќи за гласовите, добиени на последните парламентарни избори, Меџити посочи дека се тоа гласови и против ДУИ, а не само за Демократското движење, Беса, Алтернатива и за Алијансата за Албанците.
„Сите се обединивме околу идејата да донесеме промени, плурализам, демократија во албанскиот табор, во борбата против корупцијата. Сите стоиме околу оваа идеја, освен Таравари, за кого излезе на површина дека од лични и партиски причини веќе некое време, неколку месеци, има средби и соработка со ДУИ. Вреди е уште посилна како коалиција, бидејќи 107-те илјади гласови, добиени на последните парламентарни избори, не се само гласови за Демократското движење, Алтернатива, Беса или дури и за дел од Алијансата за Албанците, туку тоа се тоа гласови и против ДУИ, гласови за промени и надеж. Не може никој не може да се повика на тие гласови и да каже дека ги има во џепот.“ – укажа Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, од Вреди.





