Руска порака од Сараево: Македонија во НАТО опасен експеримент

Валентина Матвиенко, спикерка на горниот дом на рускиот парламент – Совет на Федерацијата, ја нарече аспирацијата на Македонија за членство во НАТО „опасен експеримент“, кој се заканува на безбедноста на Балканот.



„Овој чекор води само кон понатамошна дестабилизација на ситуацијата во регионот. Тоа го поткопува системот на европска безбедност“, порача таа во своето обраќање во горниот дом на босанскиот парламент – Дом на народите на Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина.

Поткрепувајќи го тврдењето дека проширувањето на Северноатлантската алијанса со земјите од Балканот ги поткопува безбедноста и стабилноста во регионот, руската парламентарка ја наведе и Црна Гора.

„Влегувањето на Црна Гора во НАТО против волјата на, практично, половина од своите граѓани стана најострата повреда на основните принципи на модерната демократија“, рече таа.

И Црна Гора, која стана членка на Алијансата минатата година, како и Македонија, неодамна протераа руски дипломат поради случајот „Скрипал“, за кој Велика Британија ја обвини Русија. Кремљ одговори со протерување црногорски дипломат и со откажување на согласноста за засилување на македонската Амбасада во Москва со уште еден дипломат покрај амбасадорот Гоце Карајанов.

Хрватска влезе во НАТО во 2009 година, а надежта на БиХ да го активира претпристапниот Акциски план за членство е блокирана од босанските Срби, кои ја гледаат Русија како свој главен сојузник.