На големиот христијански празник Велигден ракометарите на Алкалоид го совладаа норвешки Рунар со 42:37 во салата „Автокоманда“ и направија значаен исчекор кон финалето на Европскиот куп.
Возвратниот натпревар од полуфиналето ќе се одигра на 27 април од 17 часот во Сандефјорд.
До својата осма победа во деветтиот настап сезонава во ова натпреварување на ЕХФ освојувачот на Купот на Македонија стигна со подобра одбрана во последната четвртина од средбата, откако гостите во 42. минута водеа со 29:27.
Во нападот, пак, составот на Кирил Лазаров немаше поголеми проблеми, за што зборува ефикасноста од 78 проценти во ударите кон противничкиот гол.
Десниот бек Мартин Серафимов беше најефикасен во победничкиот тим со 10 гола од 14 обиди, пред непогрешливите Иван Џонов со 7/7 и Марко Стојковиќ со 4/4, а кај Рунар се издвои десниот бек Кристофер Рамбо, најдобар стрелец на мечот со 11/18.






