„За извршеното предавство Таравари не треба да одговара на коалицијата Вреди, туку на населението и на 107-те илјади гласачи, кои сакаа поголема ротација на политичката сцена во државата.“ – изјави за ТВ Алсат Висар Ганиу, претседателот на општина Чаир, од редовите на Вреди. Ова го пренесе информативниот портал „Алмакос“.
Натаму порталот пренесува: Ганиу нагласи дека „Таравари е свесен оти сам нема да освои ниедна општина, а заминувањето со ова оправдување е само изговор за подоцна да премине во ДУИ“. „Луѓето често ме прашуваат дали ќе влијае ова предавство на Таравари, кој сега ја напушта коалицијата Вреди со изговор дека ќе излезе сам на локалните избори, што не е точно, бидејќи од сите анкети знае оти не може сам да се кандидира и не може да победи во ниедна општина.
Запрашан дали Таравари не може да победи на локалните избори ниту во Врапчиште и Гостивар, Ганиу одговори: „Никаде, никаде, ви се колнам. Таравари се раздели, за да најде причина, за да го искористи овој временски период, па да создаде простор да ѝ се придружи на ДУИ. Но, за ова предавство Таравари не треба да одговара на Вреди, туку на албанското население и на оние 107 илјади гласачи од него, кои гласаа за Вреди.“ – посочи Ганиу.
Тој изрази убедување дека пратеничката група на Вреди ќе се раздели со пратениците на АА, бидејќи во спротивно тоа би значело дека ДУИ има една нога во Владата, што коалицијата Вреди не би можела да го истолерира.
Првиот човек на општина Чаир Висар Ганиу подвлече дека во сите општини со албанско мнозинство Вреди, односно Демократското движење, Беса, Алтернатива и Ветевендосје ќе се натпреваруваат со заеднички листи, откривајќи дека во некои општини ќе има и натпартиски кандидати.





