САД гласаа против антируска резолуција во ОН, Македонија воздржана

Соединетите Американски Држави гласаа заедно со Русија и уште седум други земји против последната резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации за соработка со Советот на Европа, која ја осудува, како што се наведува, „агресијата на Руската Федерација врз Украина“.



Резолуцијата беше усвоена во средата со 105 гласа за, 9 против и 33 воздржани.

Покрај САД и Русија, против се изјаснија и Белорусија, Северна Кореја, Еритреја, Мали, Нигер, Никарагва и Судан.

Сите земји од Европската унија гласаа „за“.

Македонија гласаше воздржано, заедно со Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка, Египет, Обединети Арапски Емирати итн.

Оваа резолуција ги повторува изјавите за руско-украинскиот конфликт за кои САД веруваат дека не помагаат да се постигне мир, се вели во американското соопштение.

„Соединетите Држави се надеваат дека Советот на Европа и сите членки на ОН ќе ги поддржат напорите за постигнување траен и сеопфатен мир меѓу Русија и Украина“, изјави Џонатан Шраер, вршител на должноста шеф на американската мисија во ОН.

Во усвоениот текст на резолуцијата се осудува „агресијата на Руската Федерација против Украина, а пред тоа и Грузија, и се повикува за зајакнување на соработката меѓу Советот на Европа и ОН за враќање на мирот и безбедноста врз основа на почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на секоја држава“.