Акција во Анкара: Уапсени 525 шверцери со дрога

Турската полиција уапси 525 осомничени шверцери на дрога во големи рации во зори во главниот град Анкара, операција која министерот за внатрешни работи Али Ерликаја ја опиша како „најголема операција против дрога во историјата на земјата“, пишува Euronews.



Според официјалното соопштение, над 625 адреси биле предмет на симултани претреси извршени од илјадници полицајци, потпомогнати од кучиња, дронови и хеликоптери. Операцијата е резултат на шестмесечен надзор и истрага, вклучувајќи и техничко следење и физички надзор на осомничените.

На овие дилери на отрови им покажавме многу јасно: улицата на која сте нема излез“, напиша Ерликаја во објавата на социјалната мрежа Х.

Според него, многу од уапсените користеле комуникациски платформи базирани на интернет за да ја координираат продажбата на дрога во населбите и улиците.

Од полицијата најавија дека акцијата ќе продолжи, а во наредните денови се очекуваат нови апсења.

Операцијата во Турција доаѓа само неколку дена по уште една голема европска операција против меѓународната трговија со дрога и мрежи за перење пари, координирана од Европол.

Во него беа вклучени власти од Холандија, Германија, Шпанија, Белгија и Турција, при што беа уапсени над 230 лица и запленети имот во вредност од околу 400 милиони долари.