Данска планира да испрати војници во Украина, Русија ја предупреди

Во Украина треба да бидат распоредени неколку тимови дански војници, кои ќе бидат невооружени и ќе доаѓаат од различни полкови, со цел да црпат искуство од украинските колеги во користењето дронови.



„Во мојата 42-годишна служба во вооружените сили никогаш не сум видел настани да се развиваат толку брзо“, рече генерал-мајорот Петер Бојсен, командант на данските копнени сили.

Бојсен ја посети обуката на полковите со помош на напредни беспилотни летала за напад слични на оние што се користат на фронтот во Украина.

Тој тврди дека усвојувањето нови системи за оружје и методи на војување од страна на данските вооружени сили произлегува од неговите две неодамнешни посети на Украина. Сега тој има намера да го забрза процесот со испраќање повеќе тимови дански војници во кампови за обука во Украина.

За данскиот канал ТВ 2 генералот нагласи дека се очекува да учествуваат и инструктори, и војници на обуката која ќе трае една до две недели, а најверојатно ќе почне веќе летово.

„Таму испраќаме неколку тимови за да видат од прва рака какво искуство имаат Украинците. Сум бил таму неколку пати. Но, тие војници нема да одат таму за активно да учествуваат во војната. Тие ќе одат таму за да стекнат одредено искуство, а тоа е на покана на мојот колега, командантот на украинската армија“, изјави Бојсен.

Во меѓувреме, руската амбасада во Копенхаген изрази гнев поради планот на данските вооружени сили да испратат персонал во камп за обука во Украина.

„Испраќањето дански војници во Украина, вклучително и проучувањето на борбеното искуство, ја вовлекува Данска подлабоко во конфликтот во Украина и предизвикува негова понатамошна неконтролирана ескалација“, рече рускиот амбасадор Владимир Барбин.

Бојсен одговори дека данските војници ќе бидат невооружени и ќе бидат распоредени далеку од првите линии на фронтот, најверојатно во центар за обука во западна Украина.

„Тие ќе тренираат далеку од линијата на фронтот, на пример во Лавов во западна Украина. И ако има ракетен напад, Украинците имаат системи за предупредување и добри засолништа“, заклучи тој.