Таравари: АА останува во Вреди и во Владата, а на локалните ќе оди со свои кандидати за советници – Отворени сме за соработка со сите партии

„Остануваме во коалиција со Вреди во Владата, а на локалните избори Алијансата за Албанците – АА ќе оди со свои листи на кандидати за советници.“ – нагласи лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари. На прашањето дали ќе ја напуштат владината коалиција, Таравари рече дека „не планираат тоа да го направат, бидејќи таму има повеќе партии и една од тие партии е АА“. Ова го објави Македонската информативна агенција – МИА. Инаку, изјавата Таравари ја даде по синоќешната седница на централното претседателство на оваа партија, на која се расправаше повеќе од три часа во врска со начинот како да се настапи на претстојните локални избори: самостојно, или заеднички со другите партии во рамки на коалицијата Вреди.



Централното претседателство на Алијанса на Албанците (АА) на Арбен Таравари одлучи на претстојните локални избори да понуди сопствени листи со кандидати за советници. Таравари образложи дека оваа одлука нема да придонесе за промени, односно дека остануваат како партија во рамки на коалицијата „Вреди“ и во состав на Владата. Според Таравари, ваквиот заклучок е донесен, затоа што во „Вреди“ не ја прифаќале нивната идеја пред да се донесат одлуки за кандидати за градоначалници и советници да се испита и мислењето на граѓаните и гласачите.

„Алијанса за Албанците во овој период се обиде да наметне алатка за изборот на кандидати за градоначалници на „Вреди“ да бидат со анкети и сондажи. Тоа беше одбиено. Ние мислиме дека не е начин на наоѓање на најдобро решение за градоначалник, ако седнат 4-5 луѓе, претседатели на партии, или работни групи и да избираат кој која општина ќе ја земе. На крај сите губиме како ‘Вреди’.“, рече Таравари на прес-конференцијата по завршување на седницата.

Тој рече дека добиле ултиматум, за кој требало да се произнесат до вчера и оти затоа е донесена одлука АА во сите општини да има сопствена листа за советници во западниот дел од државата. Таравари потсети дека овој нивни став е од јули минатата година, додавајќи оти веќе од почеток на наредниот месец мај како партија ќе почнат со работа на терен и со формирање свои штабови.

„Не излегуваме од коалицијата ‘Вреди’, излегуваме со наши листи. За кандидати за градоначалници сме отворени за разговори. Немаме одлука за тоа, побаравме од „Вреди“ заедно, алатка да биде сондажа. Не е прифатливо за нас четворица луѓе да седнат и да одлучуваат. Локалните избори се малку поинакви. Се бара оној, што има поддршка, без разлика од која партија е. Некаде можеби треба кандидатот да биде и непартиски. Ние сме сè уште дел од ‘Вреди’, но ние излегуваме со наша листа за советници. Ако одлучат тие поинаку, ние нормално на тоа ќе донесеме наша одлука.“ – посочи Таравари.

На прашањето дали ќе ја напуштат владината коалиција, Таравари рече дека не планираат тоа да го направат, бидејќи таму има повеќе партии и една од тие партии е АА. За можната соработка со Зијадин Села Таравари рече дека се добредојдени сите. „Оваа куќа е отворена и голема. Сите се добредојдени. Исен Шабани дојде пред десет дена, многу активисти се дојдени, мнозина, што апстинирале три-четири години, се враќаат.“ – напомна Таравари.

За политичкиот говор и зборовните препукувања со коалициските партии, Таравари рече дека „како АА не рекле ништо лошо досега, иако биле нападнати“. „Целата партија се обидуваме, не сме кажале ништо лошо за нив. Така размислуваме политички. Секогаш треба да се оставаат вратите за комуникација со сите,  меѓутоа од другата страна не беше така. Бевме нападнати и тоа грубо. Ние ќе продолжиме да бидеме конструктивни и да оставаме секогаш простор за соработка.“ – истакна Арбен Таравари.

Извор: Македонска информативна агенција – МИА