Хрватскиот славист и македонист Горан Калоѓера, надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), најави препечатување на збирката „Бели мугри“ на македонскиот поет и револуционер Коста Солев-Рацин и нејзино бесплатно дистрибуирање до институции во Македонија.



„Повеќе од петстотини лајкови на мојата идеја да направам препечатено издание на Рациновата збирка ‘Бели мугри’ ме обврзуваат, и како македонист, и како добитник на Рациновото признание. И како голем почитувач на неговиот живот и дело. Проектот за печатење репринт издание го втемелив со финансиска помош од неколкумина ‘хрватски Македонци’ и лично јас, бидејќи сакам финансиски да помогнам. Во преговори сум со мојот македонски издавач и се надевам дека ќе излезе за месец-два. Книгата ќе ја промовираме на соодветен датум поврзан со Рацин и ќе ја дистрибуираме како бесплатно издание до македонските институции, средните и основните училишта, како и градските библиотеки. Ова го доживувам како мој долг кон Рацин, кој како научник многу ми помогна во мојот македонистички труд, созревање и подобро разбирање на македонското минато“, објави на Фејсбук поранешниот почесен конзул на Македонија во Риека.

„Бели мугри“ е објавена на 25 ноември 1939 година во Самобор, во близината на Загреб, како трета стихозбирка на македонски јазик по „Народни бигори“ и „Огинот“ на Венко Марковски, отпечатени во 1938 година. Стихозбирката е испечатена во печатницата на Драгутин Шпулер во 4.000 примероци. Според вообичаената комунистичка практика, насловот е испечатен со црвени букви, а поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавил под псевдонимот „К. Рацин“. Стихозбирката била дистрибуирана низ цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија, постигнувајќи голем успех.

Калоѓера интензивно се занимавал со проучувањето на хрватскомакедонските книжевни допири, со акцент на 19. век и периодот меѓу двете светски војни, со посебен осврт и студии за Рациновиот престој во Хрватска. 

На 25 ноември минатата година во Скопје ја промовира својата најнова книга, исто така посветена на славниот поет и партизан од Велес, „Поглед отстрана, Рацин (1908 – 1943)“.