Рускиот ракетен напад врз Суми, во кој загинаа 34 лица, а 119 беа повредени, меѓу кои 15 деца, е резултат на грешка, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Избегна да ја спомене Русија, не прецизираше од каде е информацијата за грешката, но не пропушти да го нападне и неговиот претходник Џо Бајден.
„Мислам дека беше страшно и ми рекоа дека направиле грешка. Но мислам дека тоа е страшна работа. Мислам дека целата војна е страшна работа“, рече Трамп.
Запрашан што мисли под грешка, Трамп рече: „Ќе мора да ги прашате нив. Тие направија грешка“.
„Оваа земја (САД) никогаш немаше да дозволи оваа војна да започне ако јас бев претседател. Оваа војна е срамота. Милиони луѓе загинаа кога требаше да бидат живи. Градови се уништуваат низ цела Украина. Цели култури исчезнуваат“.
Ова е војната на Бајден. Ова не е моја војна.
Им даде (Украина – Ед.) милијарди и милијарди долари. Никогаш не требало да дозволи ако имал мозок, кој го немал и го нема, а сега се докажува.
Тој дозволи оваа војна да започне. Јас сигурно не би. Оваа војна никогаш немаше да се случи. Но запомнете го ова. „Ова е војна на Бајден. Само се обидувам да ја запрам за да спасиме многу животи“, рече Трамп.
Суми, со население од околу четвртина милион луѓе, се наоѓа на само 25 километри од руската граница. Тој стана воен центар откако украинските сили го започнаа упадот во Русија од него во август минатата година.
Градоначалникот на Сумија, Артем Кобзар, од денеска прогласи тридневна жалост за жртвите.
Луѓето погодени од ракетата биле на улица, во автомобили, во јавен превоз или во згради за време на празникот Цветници, рече министерот за внатрешни работи Ихор Клименко.
„Намерно уништување на цивили на важен црковен празник“, рече тој.






