И покрај вестите дека кафето на светските берзи поевтинува, цената на овој популарен пијалак во продавниците во Србија повторно порасна на почетокот од месецот. Иста состојба е и во Македонија. Нема кафе бар, или угостителски објект каде овој пијалак нее поскапен. Анализите укажуваат дека ваквиот тренд на поскапување нема наскоро да престане, а причините се длабоко вкоренети во глобалните климатски и економски прилики. Цените на кафето на берзите беа во континуиран пораст повеќе од една година, а тоа сега директно го чувствуваат потрошувачите. Иако последните податоци покажуваат благо намалување на берзанските цени, тој ефект не се одразува веднаш на малопродажните полици. Според д-р Вељко М. Мијушковиќ од Економскиот факултет во Белград, ова е само привремен тренд.

- „Промените на берзата се често краткорочна рефлексија на одредени настани. Од петок до понеделник, цената на арабика се намали за 0,6%, но тоа е минливо. Долгорочниот притисок врз растот на цените е присутен со години и не може да се ублажи со вакви краткотрајни флуктуации,“ вели Мијушковиќ.
Најголемите виновници за растот на цената се лошите берби и климатските промени. Времето не беше наклонето на најголемите производители – Виетнам и Бразил – што доведе до речиси двојно зголемување на цената на робуста на лондонската берза. Арабика исто така бележи континуиран пораст: од 180 центи за фунта во февруари 2024 година, до 320 центи до крајот на годината, а почетокот на 2025 донесе нов скок од 100 центи.
- „Минатата година ја надминавме историјата – цената на кафето ја надмина рекордната вредност од 1977 година,“ додава Мијушковиќ за „Блиц ТВ“.
Прогнозите за цените не се охрабрувачки. Повеќе фактори – климатските промени, проблемите со логистиката, глобалните конфликти и дејствието на шпекулативните фондови – укажуваат на тоа дека цената на кафето ќе продолжи да расте. Сушите во Бразил, нападите во Црвеното Море и растечката побарувачка во Азија дополнително го нарушуваат балансот меѓу понудата и побарувачката.
Шпекулативните фондови вложуваат милијарди долари во сурово кафе, што исто така ја поттикнува цената. Според Мијушковиќ, малку е веројатно дека овие глобални притисоци ќе се смират до крајот на годината – што значи дека кафето ќе продолжи да биде сè поскапо на полиците во продавниците.





