Во регионот само Црна Гора има пониски даноци од Македонија

Со идентични девет проценти на стапките на персоналниот данок на доход и на корпоративниот данок на доход, Црна Гора е единствената земја од регионот со пониски даноци од Македонија, каде што и двата данока се по 10 отсто.



Македонија и Црна Гора се меѓу 13-14 држави во светот со најниски стапки на оданочување и на платите и на компаниите, покажува листата на економскиот портал „Трејдинг економикс“.

Идентични 10 отсто персоналец имаат и Романија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Казахстан, Косово, Либија и Монголија, а понизок од Македонија покрај Црна Гора има во Гватемала од 7 отсто, додека во Бахами, Бахреин, Бермудски Острови, Брунеи, Кајмански Острови, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати стапката е нула. На врвот е Шведска со 61,85 проценти, а во топ 10 се и Чад и Брегот Слонова Коска со по 60 отсто, Аруба со 59 отсто, Јапонија со 55,95 отсто, Данска со 55,80 отсто, Австрија со 55 отсто, Белгија со 53,70 отсто, Холандија со 52 отсто и Финска со 51,60 отсто.

Истите седум земји од кај персоналецот ѝ прават друштво на Македонија и кај корпоративниот данок на доход, а исти се и државите со помала или никаква стапка. Тука, пак, на врвот се ОАЕ со 55 проценти, втор е Порторико со 39 отсто, трет Суринам со 36 отсто, следуваат Аргентина, Чад, Конго, Екваторијална Гвинеја, Гуам, Гвинеја, Малта, Судан и Замбија со по 35 отсто итн.