Кина одговори на САД: Стапија во сила царините од 125 насто

Денеска стапија во сила увозните царини за американски стоки во Кина од 84 на 125 настоо.



„Лицитирањето“ со царини е одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно ги зголеми американските царини за кинески стоки на вкупно 145 отсто.

Кинескиот министер за трговија Ванг Вентао изјави дека континуираното воведување царини од страна на Соединетите држави може да предизвика голема штета на земјите во развој, па дури и да предизвика хуманитарна криза.

„Одлучните контрамерки на Кина се насочени кон заштита на легитимните права и интереси, но и кон зачувување на правичноста и правдата во меѓународната заедница“, рече Ванг за време на видео-повикот со директорот на Светската трговска организација Нгози Оконџо-Ивеала.

Членките на СТО треба да се обединат против унилатерализмот, протекционизмот и тактиките за заплашување, рече Ванг, според соопштението на кинеското Министерство за трговија објавено денеска .

Тој додаде дека земјите со најниско ниво на развој сносат најголем ризик поради американските царини.

Одделно од тој разговор, Ванг оствари и видео повик со бразилскиот министер за развој, индустрија, надворешна трговија и услуги, Гералдо Алкмин.

Двајцата претставници размениле мислења за зајакнување на економската и трговската соработка меѓу Кина и Бразил и за одговорот на царините наметнати од Соединетите држави, се вели во соопштението на Министерството.