Муцунски ќе учествува во Дипломатскиот форум во Анталија, ќе има средби со министри за надворешни работи на други држави

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски ќе учествува денес на четвртиот Анталија Дипломатски Форум, што ќе се одржува од 11 до 13 април 2025 година во Анталија, Република Турција, соопшти македонското министерство за надворешни работи. Форумот е под покровителство на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и во организација на Министерството за надворешни работи на оваа земја.

Во рамки на Форумот министерот Муцунски ќе се обрати на панел-расправата на тема: „Регионална сопственост за просперитетна иднина на Балканот“. Ќе оствари и бројни средби со министри за надворешни работи на други држави.



„Во ера на зголемена нестабилност и непредвидливост, обележана со сложени предизвици и повеќекратни кризи, Анталија Дипломатскиот Форум има за цел да ги анализира системските предизвици, со кои се соочува мултилатералниот поредок и да поттикне конструктивен дијалог за враќање на дипломатијата во меѓународната средина, која се менува брзо. Согласно со најавите, Форумот ќе собере глобални лидери, креатори на политики, академици, бизнис-експерти, како и претставници на медиумите и граѓанското општество, заради размена на мислења како може да придонесе дипломатијата кон заедничка акција и одговор на глобалните предизвици во фрагментираниот свет.“ – се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Македонија.