Во специјализирана полициска акција во бугарските градови Разград, Шумен и Хасково е откриена криминална група, која во нова шема на „романтични измами“ успеала да олесни турски граѓани, и тоа претставувајќи се како државјанки на Македонија.
Сè уште не е јасно колку луѓе станале жртви на ветувања за интимност. Полицијата идентификувала 12 лица под сомнение дека учествувале во шемата, од кои седум се приведени. При претресите биле пронајдени и запленети злато и пари во вредност од речиси половина милион лева.
„Шемата траела со години. Измамничките се претставувале како жени пред развод или на меден месец. Тоа емотивно ги возбудувало потенцијалните жртви и ги мотивирало да испратат многу пари – по околу 10 илјади евра во секој случај. Новиот момент во оваа шема е тоа што средствата се префрлени во Северна Македонија. Жените се претставувале како Македонки. Од компјутерски сајтови се стекнувале со копии од документи за идентификација, лични карти на граѓани на РСМ. Потоа ги презентирале при онлајн комуникацијата со потенцијалната жртва“, објасни окружниот обвинител Тихомир Тодоров.
„Кога ќе стигнеле уплатените суми, организаторите имале т.н. инкасатори, кои ги подигнувале парите. Потоа, трето лице буквално ги шверцувало парите на територијата на Бугарија, каде што биле претворувани во левови“, додаде тој.
Нема настрадани ни Бугари ни Македонци.
„Приведени се идејниот организатор на шемата, кој ги откривал потенцијалните жртви, како и дел од неговото семејство и мулите“, додаде Тодоров.
Ако бидат судени за обична измама, приведените ќе добијат затворска казна од една до пет години. Сепак, најверојатно ќе им се суди за перење пари, за што казните се многу построги.






