Осум години 2.600 примероци на правописот гниеле во депо! Ќе се достават до сите училишта по иницијатива на претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски!

Започнува акција за распределба на примероци од Правописот на македонскиот јазик во сите основни училишта во Република Македонија, по иницијатива на претседателот на Заедницата на единици на локална самоуправа на Република Македонија Орце Ѓорѓиевски. Станува збор за повеќе од 2600 примероци од Правописот на македонскиот јазик, кои се чувале во целосно  несоодветни услови уште од 2017 година, откако е отпечатен. Вчера, при редовен попис во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, било утврдено дека оваа библиотечна институција требало да ги распредели примероците на правописот во сите училишта, библиотеки, факултети, институти, лекторати и надвор од Македонија каде што е потребно. Но, тоа не било сторено.



Оваа акција за распределба на примероци од Правописот на македонскиот јазик во сите основни училишта во Република Македонија е важен придонес кон подобрување на наставниот процес, кревање на јазичната култура кај учениците и зачувување на македонскиот јазик како суштински дел од нашиот национален идентитет. Акцијата следи откако во депоата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје беа откриени 2.600 примероци од второто издание на Правописот, кои цели седум години не биле дистрибуирани и биле чувани во несоодветни услови, иако првично биле наменети за сите јавни установи и институции, како и за лекторатите и библиотеките во земјава и странство.“ – се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.

По остварената средба меѓу претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски со директорот на НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје, Јовица Никчевски, како што се наведува во соопштението, се става крај на откриената институционална негрижа и се обезбедува сите училишта во државата да поседуваат Правопис, ставен во функција на образовниот процес и грижата за македонскиот јазик.

„ По извршен увид во архивата и документацијата на Библиотеката утврдено е дека во 2018 година НУБ „Св. Климент Охридски“ се пријавила и добила проект од областа на заштитата на културното наследство (библиотечна дејност) од национален интерес од Министерството за култура за Правописот на македонскиот јазик. Вкупно 2600 примероци требало да стигнат до сите јавни установи и институции во Република Македонија, како и до лекторатите и библиотеките надвор од државава, што не се случило.“ – истакна Ѓорѓиевски.

НУБ „Св. Климент Охридски” ќе достави 1.000 примероци на ЗЕЛС, кои ќе бидат распределени во сите основни училилишта во земјава, а ќе бидат опфатени и сите 950 на централните и подрачните училишта.

Македонскиот јазик е нашето непроценливо богатство, темелот на нашиот идентитет и мораме да го сочуваме како нешто најсвето! Сакам да изразам огромна благодарност до директорот Јовица Никчевски за неговата посветеност и грижа за зачувувањето на делата, кои се од непроценлива вредност за нашата држава. Ова значајно издание на македонскиот Правопис наскоро ќе биде достапно за нашите најмлади, бидејќи преку нив ќе живее нашиот јазик, нашето најголемо културно и духовно наследство.“ – посочи претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски.