Со украдени податоци од Фондот за здравство, група измамници правеле лажни и преправале вистински лични карти и со нив подигнувале брзи кредити низ земјава. Овие податоци ги добивале од службеник вработен во Фондот за здравство преку кого доаѓале до матичните броеви и работните места на граѓаните кои ги измамиле.
Постапка против 43 лица за измама со брзи кредити отвори јавното обвинителство, а истрага за четири лица од нив, меѓу кои и за вработен во Фондот за здравствено осигурување. Од јули во 2022 година започнале измамите, со цел осомничените да си прибават имотна корист од најмалку 47.000 евра. Четворицата осомничени за кои има истрага се сомничат дека вршеле компјутерски измами, фалсификување на исправи и злоупотреба на лични податоци, а останатите 39 за помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно.

Дел се осомничени дека обезбедиле лажни податоци кои подоцна биле користени да се подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што била прибавена значителна имотна корист. Како што информираат од МВР парите потоа се извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените органозатори на вакви измами.
- Еден дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно Единствен здравствен број на осигуреник кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот, информираат од МВР.





