Милосављевиќ: Чудесии светски и македонски патрдии

Пишува Драган Милосављевиќ, новинар и аналитичар



Можеби воопшто не сме свесни во колку кучешки времиња живееме и какви собитија се тркалаат покриени од сенките на медиумскиот монопол додека планетата се пржи на пролетното сонце.

Притоа, нема збор, постои енормна опасност човек да се залета во разни теории на заговор, особено доколку ги чита „сценаријата“ на разно-разни балкански пробисвети кои не пропуштаат во секоја прилика да ги споменат Трилатералата, Групата 300, илуминатите, розенкројцерите и останатиот груперај од фантомски господари на нашите судбини.

Но! Големиот британски државник и мислител Винстон Черчил, во паузата меѓу двете светски војни, не попусто рекол дека доколку нешто се случува, можеме да бидеме сигурни дека некој некаде одлучил тоа нешто и да се случи. А дека се случуваат големи работи видливо е и со голо око.

Размената на санкции и протерувањето на дипломати меѓу Русија и западниот блок предводен од САД е транспарентно покажување на непомирливо непријателство, а бешамел сосот од навреди и закани искажани во, внимавајте, Советот за безбедност на ОН од страна на рускиот амбасадор Небензја и неговата американска колешка Хејли неодоливо ја гарнира вечерата за која цехот ќе мораме да го платиме сите заедно! И тоа е само врвот на ледениот брег, покривот на каросеријата која ѕирка од поплавените улици на Њујорк, додека во матните води на Хадсон се одигруваат далеку повозбудливи битки кои човечкото око е премногу мало за да ги види.

Да не одиме далеку, доволни се трите последни, наизглед неповрзани случувања за да разбереме колку длабоко заглибела планетата.

Американскиот претседател Доналд Трамп и јапонскиот премиер Шинзо Абе имаат заедничка пресконференција, Трамп објаснува (во трето лице) колку е остар кон Русија и во еден момент, „ничим изазван“, ги изговара следниве зборови: Пред околу месец дена имавме многу силен, силен судир меѓу нашите и руските трупи во Сирија. Тажно, но многу луѓе загинаа во таа битка!

Некои информирани ликови велат дека мислел на наводниот воздушен напад во Деир ез-Зор кога загинале руски платеници во американско ракетирање на нивните позиции, но Трамп јасно зборува за „судир на руски и американски трупи“. А никој релевантен освен него досега ништо не коментира и ниту еден од големите медиуми (ниту Си-Ен-Ен ниту РТ) не се обидува да објасни што по ѓаволите се случува.

Истовремено со оваа загадочна изјава на американскиот претседател, вечно лутиот лидер на грчката Комунистичка партија (ККЕ), Димитрис Коцумбас за една грчка телевизија, како од топ истрелува граната дека актуелните грчки власти (радикалните левичари СИРИЗА) дозволиле американската армија на грчка територија да размести нуклеарно оружје.

Додава дека во Грција се наоѓаат американски бази за кои јавноста напросто нема поим, а нуклеарните бомби се пренесени во воздушната воена база Араксос, не толку далеку од самата Атина. Се разбира, грчкиот државен врв веднаш и остро побрза да демантира дека такво нешто има врска со реалноста, иако останува горчливиот вкус на можноста дека тврдиот комунист сепак не зборува напразно.

Третиот момент што го набројувам беше додуша забележан и одбележан од јавноста, впрочем го „твитна“ и Трамп лично, а се однесува на средбата на досегашниот шеф на ЦИА и американски државен секретар во најава Мајк Помпео со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун.

Се здружиле и посфатиле на некоја тајна локација, со помош на шефовите на тајните служби на двете скарани Кореи, за, официјално барем, да проверат како напредува договарањето на состанокот меѓу Јонг-ун и Трамп кој, ако даде Бог, би требало да се „историзира“ некаде во мај.

Она што и дава специфичен тон на оваа вест е нејзиното објавување само ден по тројниот американско-британско-француски напад врз сириските трупи, кога целиот свет, без претерување, се занимаваше со можноста за директен воен судир меѓу овие три моќни земји и Русија, доколку се разбира дојдеше до ракетирање на руските бази и инфраструктура распоредени во напатената Сирија. Истата онаа Сирија каде, според тврдењето на Трамп, пред еден месец жестоко се размавале руски и американски војници при што загинале многумина од учесниците во тоа таинствено сражение.

Во оваа приказна пополнетиот и вечно окезен севернокорејски диктатор игра споредна улога, но само доколку не се знае дека тој, каков и да е, всушност е истурена позиција, односно ас во ракавот на „мирољубивата“ Кина во последната партија покер, каде САД за чудо веќе не му диктираат на крупието кому какви карти ќе подели.

И кога сме кај Кина не е лошо да се спомене дека додека трае забревтаниот судир на Москва со Вашингтон, Лондон и Париз, на Пекинг му поаѓа од рака едновремено да го искристализира проектот „Пат на свилата“, да подига воени бази во Африка, да пушта во океаните нови носачи на авиони, а на американските санкции да одговори со сопствени, неспоредливо поопасни од руските, бидејќи не во рацете на Путин туку во оние на Си Џипинг се наоѓаат американските државни обврзници.

А ете токму тој свилен кинески тенор не можеме баш често да го чуеме во етерот заглушени од бучавата на бомбардерските басови над Сирија и од бесниот мецосопран на британската премиерка Тереза Меј која малку – малку туку и објавува војна на Русија.

И каде е во оваа приказна Македонија?

Претпоставувам каде што и е местото, во долниот дел на телото, меѓу двете заоблени полутки, се држи за некакво спасоносно влакно за да не влезе сосем во дупката и чека да дојдат подобри времиња. Кога ќе го решиме спорот со Грција нормално и штом завршиме некои помалку важни дребулии. Реформски и со европско знаменце.