Лидерот на ЗНАМ и градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски ја демантира ТВ21 која објави дека ЗНАМ ќе нема кандидат за градоначалник во Куманово затоа што паднало таков договор со ВМРО-ДПМНЕ.
Според телевизијата ТВ21, ВМРО-ДПМНЕ го побарало Министерството за правда, со оглед дека тоа моментално е во рацете на ЗНАМ. За возврат, би го отстапиле Министерството за одбрана, кое сега е раководено од ВМРО-ДПМНЕ, но под услов нов министер да биде Максим Димитриевски, актуелниот градоначалник на Куманово, објави телевизијата која тврдеше дека во истиот пакет на преговори, ВМРО-ДПМНЕ бара поддршка од ЗНАМ за нивниот кандидат за градоначалник на Куманово, додека за возврат би дале поддршка на кандидатот на ЗНАМ за општина Центар
Движење ЗНАМ вечерва ги демантира наводите на ТВ21 и објавува дека ,,За наша Македонија” во Куманово ќе има свој кандидат за градоначалник.
Целата објава во целост:
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во своето кусо постоење како политички субјект покажа и докажа дека секогаш работи транспарентно и отворено и точното информирање на јавноста му е приоритет.
Движење ЗНАМ – За наша Македонија смета дека за да нема забуни јавноста треба да биде информирана за следното:
– Владиното мнозинство е стабилно и нема преговори за размена на ресори со нашиот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ.
– ЗНАМ за сите отворени прашања и забелешки разговара со премиерот, како и во работната група во која учествува како политички субјект и таму се разговара, преговара и се усогласуваат политиките. Истовремено се следи реализацијата на владината програма и основните принципи и начела врз кои почива договорот за поддршка на владината програма;
– Движењето ЗНАМ- За Наша Македонија на локалните избори, како што е веќе најавено, ќе настапи со свои кандидатски листи за советници.
– Во однос на градоначалничките места се преговара со коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ за истакнување на кандидати на ЗНАМ или на ВМРО-ДПМНЕ по одредени општини, каде поддршката од двете партии ќе ја добие кандидатот на онаа што ќе биде истакнат за градоначалник уште во првиот круг од изборите.
– Што се однесува до Куманово, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе има свој кандидат за градоначалник. Партиските тела и органи во Куманово ќе одлучат кој ќе ја има честа да учествува во траката за тоа место.





