Јавниот сектор како лидер во технолошкиот напредок носи топ услуги за граѓаните, институциите и компаниите

Пишува: Томе Томовски



Веќе е јасно дека дигиталната трансформација не е само тренд – таа е неопходност за нашата држава ако сакаме да бидеме конкурентни и ефикасни. Македонија има потенцијал да направи огромен чекор напред во оваа насока, но за тоа е потребно централизирано подобрување на клучните технолошки сфери.

Нашиот народ и човечки капитал се основата на овој напредок, а со вистинска поддршка и инвестиции, јавниот сектор може да стане пример за дигитална ефикасност. Во продолжение ќе дадам осврт на неколку аспекти кои би ја подобриле целокупната технологија во работата во јавниот но исто така и во приватниот сектор.

За да се постигне ефикасност, потребни се модерни алатки што ќе овозможат продуктивност и флексибилност. Централизирани дигитални платформи за администрација, автоматизација на процесите и воведување на електронски системи за управување со документи може значително да ја намалат бирократијата и да го подобрат корисничкото искуство.
Digital Workplace (Дигитално работно место) е модернизирана работна средина која користи дигитални технологии за подобрување на продуктивноста, комуникацијата и соработката во една организација.

Наместо традиционален канцелариски простор, дигиталното работно место е екосистем од апликации, алатки и технологии што овозможуваат работа од било каде, во било кое време и од било кој уред. Современите технологии овозможуваат непречена комуникација и координација меѓу институциите.

Воведувањето на клауд-базирани колаборативни алатки (како Microsoft Teams, Google Workspace и SharePoint итн.) може да ги направи владините служби поефикасни, намалувајќи ја потребата од физички состаноци и долгите административни процеси.

Collaboration tools (Алатки за соработка) се дигитални платформи и апликации што им помагаат на тимовите да работат заедно, без разлика каде се наоѓаат. Овие алатки ја олеснуваат комуникацијата, размената на информации, менаџирањето на проекти и колективното донесување одлуки.

IT Sourcing (ИКТ набавка или ИКТ обезбедеување на ресурси) се однесува на процесот на стекнување на ИТ ресурси, услуги и решенија од внатрешни или надворешни добавувачи. Тоа вклучува различни стратегии за аутсорсинг, лиценцирање на софтвер, cloud провајдери и управување со договори.

Јавниот сектор мора да инвестира во модерни, безбедни и скалабилни инфраструктурни решенија. Наместо одржување на застарени ИТ системи, Македонија треба да премине на решенија што овозможуваат поголема интеграција, безбедност, економичност и брзина. Нас ни е потребен стратешки пристап кон набавка, управување и оптимизација на ИТ ресурсите, вклучувајќи хардвер, софтвер, мрежни системи и cloud решенија.

Оваа област е критична за организациите кои сакаат да постигнат оперативна ефикасност, намалување на трошоците и одржлив раст на нивната ИТ инфраструктура.
Образование и дигитална писменост се однесува на тренинзите и обуките кои се важен дел од IT Sourcing, бидејќи претставуваат стратегија за стекнување, развој и одржување на ИТ вештини и експертиза во рамките на една организација. Нема напредок без знаење.

Дигитализацијата во образованието, воведување на онлајн платформи за учење и едукативни програми за развој на дигитални вештини може да ја подготви идната генерација за пазарот на труд како и да ги оспособи моменталните генерации во нивната работа. Инвестициите во дигитална писменост ќе го олеснат прифаќањето на технологијата и ќе создадат кадри што можат да ја водат дигиталната трансформација.

Во зависност од тоа дали компанијата избира интерно обучување (insourcing) или аутсорсинг на обуките (outsourcing), ова може да влијае на начинот на кој се развиваат ИТ капацитетите.

Е-услуги или дигиталните услуги за граѓаните и компаниите се основа за модерна и ефикасна држава. Автоматизацијата на административните процедури како поднесување документи, плаќање даноци и пријавување во системите за социјална заштита треба да биде приоритет.

Државите што инвестираа во е-услуги веќе бележат значително подобрување во транспарентноста и достапноста на услугите. Ние имаме огромен отскок во оваа насока, и огромен дел од е-услугите се достапни на Националниот Портал за е-Услуги https://uslugi.gov.mk/

На крајот би дал сопствено видување на нашата ситуација. Нашата држава можеби е мала, но тоа не значи дека не може да биде паметна и технолошки напредна. Нам ни треба повеќе позитивност во општеството – да веруваме во нашите способности, да ги цениме можностите и да работиме заедно кон подобра иднина. Наместо да се фокусираме на пречките, да најдеме решенија. Секој од нас може да даде придонес, било во образованието, во бизнисот, во јавната администрација или во секојдневниот живот.

Ако сите се стремиме кон подобрување и напредок, како поединци и како нација, Македонија може да стане пример за успех, иновации и дигитална трансформација. Дигиталната трансформација не е само технолошки напредок – таа е можност за сите нас да живееме во поквалитетно, пофункционално и поуспешно општество.
За тоа како дигиталната трансформација ќе има директно влијание во останатите сфери во нашето општество и врз проблемите со кои се соочуваме, ќе прочитате во следниот текст.

Томе Томовски е извршен советник и менаџер во Big 4 глобална консултантска компанија. Како технолошки лидер со над 16 години искуство во Европа, Блискиот Исток и Северна Америка, специјализиран е за дигитална трансформација во приватниот и јавниот сектор со фокус на ИКТ стратегии, cloud стратегии, модернизација на ИКТ системи и воспоставување на оперативни планови со краткорочни и долгорочни цели за стратешки технолошки менаџмент.
Томе Томовски е лидер и експерт за развој и имплементација на национални технолошки стратегии, управување со комплексни трансформациски програми и раководење со глобални, мултидисциплинарни тимови со силен акцент на технологијата како двигател на иновации и ефикасност.