Македонската претседателка на средба со кралот на Јордан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на состанокот на шефови на држави и влади „Акаба Процес Балканот III” во Софија, остварила средба со кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори, соопштуваат од кабинетот на претседателката на Македонија.



На средбата Сиљановска-Давкова ја реафирмирала заложбата за унапредување на вредностите на дијалогот, почитувањето на културната разноликост и регионалната соработка како неопходни предуслови за стабилна и просперитетна Европа.

Во разговорот, била потврдена блискоста меѓу двете земји, токму во година кога се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Претседателката нагласувајќи ја симболиката и значењето на оваа годишнина како поттик за натамошно продлабочување на билатералната соработка, упатила покана до кралот Абдула Втори за посета на Македонија.

Обајцата се согласилдже за важноста од продлабочување на културната и образовната размена, како и за интензивирање на соработката во областа на стабилизацијата на регионот на Блискиот Исток.

Претседателката изразила длабоко почитување за дипломатските напори на Јордан во постигнувањето на мировниот договор меѓу Израел и Хамас, притоа потенцирајќи ја улогата на Хашемитското Кралство како столб на стабилност и разум.

На крајот, таа ја нагласила потребата од темелна реформа на Обединетите Нации, организација којашто, според неа, мора да ја врати својата првична мисија и да има примарна улога во изнаоѓањето мировни решенија, стои во соопштението од кабинетот на претседателката.