Актуелниот американски претседател најави воведување големи царини за увоз од низа земји, вклучително и американски сојузници, конкуренти и противници.
Во говорот што беше мешавина од славење и самопофалба, Трамп потсети на неговата долгогодишна поддршка за царините и критиките за договорите за слободна трговија како НАФТА и Светската трговска организација.
Тој рече дека очекува отпор од „глобалистите“ и „посебните интереси“, но ги повика Американците да му веруваат на неговите инстинкти. „Не заборавајте, сите предвидувања на нашите противници за трговијата во последните 30 години беа целосно погрешни“, рече Трамп.
Трамп најави дека ќе воведе царини до 50 отсто за „најлошите престапници“.
Царините за Кина ќе бидат 53 отсто, за Европската Унија и Јужна Кореја 20 отсто, а основната стапка за сите земји ќе биде 10 отсто.
Засега, Канада нема да добие дополнителни тарифи, но нема да добие ниту олеснување.
Во неговиот втор мандат, опкружен со советници кои го делат неговиот светоглед и републиканското мнозинство во Конгресот, Трамп е во позиција конечно да го спроведе она што тој го нарекува „трговска политика насочена кон Америка“.
Според него, токму таквите политики ги направија САД богата нација пред повеќе од сто години и ќе го прават тоа повторно.
„Со години, чесните американски граѓани мораа да гледаат одстрана како другите земји стануваат богати и моќни, често на наша сметка“, рече Трамп. „Денес го менуваме тоа. Денеска ќе ја направиме Америка повторно голема – и поголема од кога било досега“, додаде тој.
Но, економските експерти предупредуваат дека потегот на Трамп може да има катастрофални последици. Тие велат дека високите царини ќе се прелеат на американските потрошувачи преку повисоки цени и може да предизвикаат глобална рецесија.
Поранешниот главен економист на Меѓународниот монетарен фонд, Кен Рогоф, за Би-Би-Си изјави дека шансите САД, како најголема светска економија, да влезат во рецесија сега се зголемени на 50 отсто.
„Тој само што фрли нуклеарна бомба врз глобалниот трговски систем“, рече Рогоф. „Последиците од царините од ова ниво врз американскиот увоз ќе бидат запрепастувачки“, додаде тој.
Ако Трамп продолжи со она што го најави, тоа ќе биде историски пресврт во американската трговска политика. Прашање е само дали ќе остане запаметен како успех или како економски неуспех.
„Ќе биде ден на кој се надевам дека ќе погледнете назад за неколку години и ќе кажете, знаете што, тој беше во право“, рече Трамп.
Трамп со царини од 33 отсто за Македонија како одговор на македонските од 65 отсто за САД






