Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД воведуваат „реципрочни“ царини за секоја држава поединечно, при што за Македонија тие изнесуваат 33 проценти или речиси двојно помалку од царинската давачка од 65 отсто за производите што во земјава се увезуваат од Соединетите Држави.



Според Државниот завод за статистика, размената на Македонија со САД лани изнесувала 314 милиони долари, при што македонскиот извоз на американскиот пазар бил 118 милиони, а увозот од Америка 196 милиони.

Од Македонија во САД најмногу се извезувале тутун, облека, железо и челик, а во обратна насока доминирале електричните машини и опремата, покажуваат податоците на Стејт департментот.

Стапките со кои администрацијата на Трамп има намера да ја заштити американската економија се движат од 10 до 49 проценти, при што за стоки увезени од Европската унија ќе се плаќа царина од 20 отсто, за тие од Кина 34 отсто, од Јапонија 24 отсто, од Велика Британија 10 отсто итн.

Од земјите од македонското опкружување царините за Србија ќе бидат 37 проценти (наспроти српските за САД од 74 отсто), за Босна и Херцеговина 35 отсто (наспроти тие од БиХ од 70 отсто), за Албанија 10 отсто (наспроти албанските од 10 отсто), за Косово 10 отсто (наспроти косовските од 10 отсто), за Црна Гора 10 отсто (наспроти црногорските од 10 отсто) итн.