Обилните врнежи од дожд резултираа со излевање на Маркова Река кај селото Батинци, но освен поплавувањето на улиците и на дел од дворовите нема опасност за населението, уверуваат од Општина Студеничани.
„На неколку места има излевање од речното корито. Ангажиравме две-три машини малку да ја санираме состојбата. Не знаеме дали ќе продолжи уште, засега има прекин на врнежите, а во околните куќи околу Маркова Река има влезено вода во дворовите. Мислам дека за населението не е многу ризично за евакуација. Засега има материјални штети по дворовите на неколку домаќинства“, го цитира Сител градоначалникот Азем Садики.
За ситуацијата се огласи и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Механизацијата е на терен и нема опасност по населението. Силно се работи на враќање на реката во своето корито. Со колегата Садику сме тука и будно ќе ја следиме ситуацијата да биде под контрола во текот на целата ноќ“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук, напомнувајќи дека е во постојана комуникација со премиерот Христијан Мицкоски и со првиот човек на Аеродром, Дејан Митевски, кои се понудиле за помош ако затреба.
„Она што вистински загрижува е што сите институции не си ја вршат својата работа – со акцент на градот Скопје, од кој лично имаме побарано во неколку наврати да се среди речното корито, но од страна на градоначалничката во заминување ни беше одговорено дека немаат предвидено средства за тоа. Замислете…
Временските непогоди не можеме да ги спречиме, но можеме да делуваме да нема големи последици. Материјалното ќе го поправиме заеднички – Бог нека нѐ чува сите, тоа е најважно“, додаде Ѓорѓиевски.






