Пратеникот Африм Гаши, кој го предводи едното крило на Беса, изјави дека се на чекор до влез во Владата и ако тоа навистина се случи токму тие ќе бидат будното око на Владата, особено во делот на корупцијата.
Гаши потврдува дека имале неколку средби со премиерот Зоран Заев, но вели дека премиерот го има последниот збор и дека треба да избере меѓу двете крила на Беса.
– Мислам дека на премиерот не му треба надворешни проблеми да влезат во Владата. Мислам дека тој треба да избере помеѓу двете крила на Беса, рече пратеникот одговарајќи на новинарско прашање дали е можно двете крила на партијата да влезат во составот на Владата.
Тврди дека не разговарале за министерско место во правда, потенцирајќи дека тие имаат кадри за сите институции. Тој го предводи крилото во кое се и пратениците Неџбедин Каремани и Реџеп Мемеди, додека во крилото на Билал Касами се пратениците Фадил Зендели и Теута Биљали.





