Трамп ќе воведе царини на целиот свет

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека реципрочните царини што ќе ги објави оваа недела ќе ги опфатат сите земји, а не само помала група од 10 до 15 земји со кои САД имаат најголем трговски дисбаланс.



Трамп вети дека во среда ќе го претстави сеопфатниот тарифен план, нарекувајќи го денот „Ден на ослободувањето“.

Претходно тој веќе воведе царини за алуминиум, челик и автомобили, а ги зголеми и царините за увоз на сите стоки од Кина.

Трамп ги гледа царините како начин да се заштити домашната економија од нелојалната глобална конкуренција и начип за договарање за подобри услови за САД.

Сепак, загриженоста за трговската војна ги затресува финансиските и стоковите пазари и ги зголемува стравувањата од рецесија во САД.

Во февруари, Трамп потпиша меморандум со кој им наредува на американските службеници да ги анализираат трговските односи со сите земји и да состават листа на приспособени контрамерки.

Минатата недела тој сугерираше дека можеби ќе ги ублажи своите планови, можеби правејќи исклучоци во некои случаи или наметнувајќи пониски царини отколку што тие земји наплаќаат за американскиот увоз.