Земјотрес почувствуван во Македонија

Земјотрес утрово ја погоди и Грција. Епицентарот бил во близина на границата со Македонија, па бил почувствуван и во битолскиот регион.



Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека утринава, на 06:04 часот, Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија регистрирала земјотрес.

Земјотресот потекнува од пограничното епицентрално подрачје Битола-Лерин, во соседна Република Грција, на 125 километри јужно од Скопје, со локална Рихтерова магнитуда ML3.4.

Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.