Воведувањето нови авиолинии значи побрзо и полесно поврзување со светот, зголемување на туризмот, нови економски можности и унапредување на имиџот на нашата држава. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека оваа директна линија ќе значи многу за туризмот, но и за развој на бизнисот и комуникациите, затоа што многу конектинг летови ќе одат преку Истанбулскиот аеродром.
- Тоа е голема шанса за целиот регион и за Охрид, Струга, Кичево, Битола, но и за соседна Албанија. Очекувам бројни жители на соседна Албанија да го користат Охридскиот аеродром. Ќе продолжиме во оваа насока. Подршката ќе продолжи и во периодот што следува, и секако со завршувањето на автопатот, прво со делот Охрид Кичево, потоа деловите Кичево – Букојчани, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово и едно и целосно автопатско поврзување, мислам дека Охридскиот аеродром ќе има комплетно нова димензија и многу повеќе патници, рече Николоски.
Турскиот амбасадор Фатих Улсој во своето обраќање изрази сочувство за трагедијата во Кочани и истакна дека по трагичниот настан врз основа на барањето на властите во РСМакедонија со амбулантните авиони на Турција 12 млади лица повредени во пожарот беа испратени на лекување во Турција.

- Летот Истанбул Охрид верувам дека уште повеќе ќе ги зајакне врските меѓу Турција и Македонија во транспортот, економијата и туризмот. Турција и Северна Македонија се две земји кои меѓусебно се поврзани со длабоко вкоренети историски и култутни врски и кои негуваат однос на високо ниво. Знаеме дека Турција е меѓу најзначајните трговски партнери на Македонија и во овој контекст сметам дека развојот на инфраструктурната мрежа е од огромно значење за обостраниот развој на инвестициските можности и зајакнување на врските меѓу бизнис заедниците. Актуелно на релацијата Истанбул – Скопје, вклучувајќи го и „Туркиш ерлајнс“ имаме над 30 летови неделно. Среќни сме што оваа бројка ќе порасне со летовите во Охрид. Со овој лет во Охрид нема да патуваат само патници од Турција туку и транзитни патници од разни светски региони. Новата линија која ќе сообраќа 4 пати неделно и ќе даде значаен придонес во зајакнување на поврзуваноста меѓу Турција и Македонија и меѓу нашите братски и пријателски народи, претставува радосна вест не само за Македонија, туку и за целиот Балкански регион. Охрид како бисер Балкански и на Северна Македонија е еден од најзначајните културно-туристички дестинации на земјата. Со секоја мината година расте бројот на турски туристи, кои покрај Скопје го посетуваат и Охрид. Лани над 280 илјади турски туристи од Турција ја посетиле земјава, а близу 250 илјади македонски ја посетиле Турција, потенцираше Улсој.





