На денешен ден во 2020 година стана 30-та членка на Алијансата, со што земјата реализираше една од нејзините стратешки цели која е зацртана и во Резолуцијата што Собранието ја усвои во 1993 година.
По повод петгодишнината денеска во Клубот на пратеници во Скопје ќе се одржи средба на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со амбасадорите на земјите-членки и партнери на Алијансата. Според агендата, на почетокот на настанот ќе се обрати министерот Муцунски по што ќе следи затворена дискусија.
Определбата за евроатлантско интегрирање датира уште од 1993 година, кога Собранието ја усвои Резолуцијата во која беа дефинирани надворешно политичките приоритети на државата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
На 15 ноември 1995 година државата го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата „Партнерство за мир“, а на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски.
Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, тогашна Република Македонија се стекна со статус на земја-кандидат за членство во Алијансата, по што отпочна подготовката и реализацијата на Акцискиот план за членство.
Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција.
Условот беше исполнет со Преспанскиот договор во 2018 година, потпишан кога на чело на македонската влада беше Зоран Заев, а од грчка страна, Алексис Ципрас.
На 6 февруари 2019 година беше потпишан Пристапниот протокол, а веќе на 27 март во 2020 година, Македонија под новото име „Северна Македонија“ и официјално стана полноправна членка на НАТО.






